Велика Британија ќе помогне за обновувањето на авионските и поморските патувања кон Украина
Велика Британија ќе даде поддршка за рестартирањето на меѓународните авионски и поморски патувања кон Украина, откако ќе биде постигнат мировен договор со цел да се поттикне економијата и да се зајакне независноста на земјата, пренесува БНР. Веста ја објави британскиот „Дејли телеграф“ неколку часа пред очекуваната средба во Вашингтон меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот колега Володимир Зеленски, на која ќе учествуваат и европски лидери, меѓу кои и британскиот премиер Киер Стармер.
„Коалицијата на подготвените“, група од над 30 држави што ја поддржуваат Украина, има за цел да воспостави „нормални“ услови за авиосообраќај во случај на прекин на огнот. Извидувачки и борбени авиони на Кралските воздухопловни сили ќе се приклучат на летала од други европски земји за да го обезбедуваат украинското небо и да се спречи евентуална нова руска инвазија. Паралелна цел е повторно воспоставување на редовниот авионски сообраќај кон и од украинските градови.
Слични иницијативи ќе бидат преземени и за повторно отворање на украинските пристаништа преку забрзување на процесот на деминирање на Црното Море. „Црноморската работна група“, составена од Турција, Романија и Бугарија, ќе биде зајакната со дополнителен специјализиран кадар за побрзо чистење на морето.
Британската влада истакна дека оваа иницијатива ќе „обезбеди безбеден и сигурен морски пристап за сите пловни објекти кои транзитираат кон и од украинските пристаништа“.
Според „Дејли телеграф“, обновувањето на авионскиот сообраќај и пристанишните активности ќе претставува значаен поттик за украинската економија во момент кога Киев се стреми кон зајакнување и обновување на сопствената армија.
