ВЕЛИКА БРИТАНИЈА ВОВЕДЕ НОВИ ПРАВИЛА ЗА ПАТНИЦИТЕ
Новите правила според кои сите што влегуваат во Велика Британија мора да бидат во изолација од 14 дена, стапија во сила.
Лицата кои влегуваат во земјата, вклучително и британски државјани, ќе треба да ја дадат адресата на којашто ќе бидат во самоизолација, а доколку ги прекршат правилата, можат да бидат казнети со казна до 1.000 фунти.
Министерката за внатрешни работи Прити Пател рече дека законот е донесен за да се спречи втор бран на коронавирус.
Сепак, некои бизнис-субјекти предупредуваат дека тешко ќе бидат погодени од правилата.
Луѓето кои доаѓаат од Ирска, Каналските острови или островот Мен не треба да одат во изолација, а има исклучоци и за работниците во некои индустрии, како и за медицинските работници во некои сектори.
Сите други ќе треба да пополнат „патнички локатор“ по пристигнувањето.
Доколку не можат да ја дадат адресата на која че престојуваат, владата ќе организира сместување на сметка на патникот.
Ќе бидат направени и проверки за да се види дали се следат правилата.
Мерките на владата ги критикуваат првенствено од воздухопловната индустрија, но Пател вели дека мерките се пропорционални и се спроведуваат во соодветно време.
„Науката е јасна, ако го ограничиме ризикот од воведување нови случаи однадвор, можеме да помогнеме да се запре катастрофалниот втор бран“, рече Пател.
Патниците во транзит, кои не ја поминуваат граничната контрола, се исто така меѓу оние кои се ослободени од задолжителна изолација.
Патувачката индустрија е генерално критична за мерките затоа што вели дека периодот на изолација ќе ги одврати посетителите и со тоа ќе ги загрози работните места.
Извор: makfax