|

Вељановски: Одлука за привремено финансирање на Општина Карпош нема иако буџетот е изгласан на 9 јануари

Одлука за привремено финансирање на Општина Карпош нема иако буџетот е изгласан на 9 јануари, прекршен ли е Законот за финансирањето на ЕЛС и дали буџетот ќе важи ретрокативно, вели Роберт Вељановски, советник на ВМРО-ДПМНЕ во Совет на Општина Карпош.

„Бруталното насилство и кршењето на законите во Општина Карпош продолжува.

На четвртото продолжение на 37. седница на Советот на Општина Карпош, одржана на 4 јануари 2024 година, беше донесена ‘одлука’ за реализација на буџетот на Општина Карпош за 2024 година, со што брутално беа погазени Законот за локалната самоуправа, Статутот на Општината и Деловникот за работа на Советот на Општина Карпош. Вчера, во доцните попладневни часови, во ‘Службениот гласник бр. 1/2024’ на Општината беа објавени ‘одлуките’ донесени на оваа седница, со што се отвора патот за нивно спроведување и легитимирање пред другите институции на државата. Предупредуваме дека овие ‘одлуки’ не се легитимни затоа што се донесени со прекршување на процедурите.

Последната пречка за вчитување и почнување со реализација на одлуката за буџетот на Општина Карпош за 2024 е Министерството за финансии, на кое му посочуваме:

1. Советот на Општина Карпош до 31 декември не го изгласа буџетот на Општината и тој не беше донесен. Одлука на Советот на Општина Карпош за привремено финансирање на Општината нема. Бидејќи одлуката за реализација на буџетот насилно е донесена на 4 јануари 2024, објавена на 9 јануари, а е со важност ретроактивно од 1 јануари 2024 година, дали и како, во согласност со законот, ќе бидат оправдани и покриени деновите од 1 до 9 јануари 2024?!;
2. Дали одлуката за реализација на буџетот, која е донесена на 4 јануари 2024, објавена на 9 јануари, а е со важност ретроактивно од 1 јануари 2024 година, е легална и легитимна?;
3. Дали потписник на одлуката може да биде претседавачот со Советот наместо актуелниот, легитимно избран претседател на Советот на Општина Карпош?;
4. Дали со ова не е прекршен Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа?

Посочуваме дека за секоја незаконски донесена одлука за многу брзо време ќе има одговорност. Замижувањето пред флагрантното кршење на законите во Република Македонија мора да престане.

Ние, советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ‘За обнова на Македонија’, нема да отстапиме пред насилничките методи и дејства на Јакимовски, урбаната мафија и нивните приврзоци, СДС и Левицата, и бараме доследно спроведување на позитивните законски прописи“, изјави Вељановски.

Слични Објави