Парламентот во Франција ја собори Владата на премиерот Франсоа Бајру
Парламентот во Франција вчера изгласа недоверба на Владата на премиерот Франсоа Бајру, само девет месеци откако тој дојде на власт. Во Националното собрание, 364 пратеници го поддржаа предлогот за недоверба, додека само 194 гласаа за неговата поддршка, јавува БГНЕС.
Претседателот на парламентот објави дека согласно уставот (член 50), премиерот ќе поднесе оставка. Очекува се Бајру да ја поднесе оставката денеска пред претседателот Емануел Макрон.
Причината за распадот на владата беше неуспехот да се обезбеди поддршка за контроверзен буџетски план со цел намалување на државниот долг за околу 44 милијарди евра. Буџетот предвидуваше значителни мерки на штедење, кои предизвикаа отпор и од левицата и од десницата.
Овој политички потег ја продлабочи кризата во Франција, која се соочува со политичка нестабилност. Сега претседателот Макрон е пред предизвикот да именува нов премиер во следните неколку денови.

