(Видео) АЕЦ „Козлодуј“: Петтиот блок работи нормално и покрај намалената моќност, има резервни капацитети и нема проблеми со струјата
Моќноста на петтиот енергоблок на АЕЦ „Козлодуј“ е превентивно намалена од 100 на 91,4 отсто поради ниското ниво на Дунав, соопшти бугарската министерка за енергетика Ива Петрова. Таа нагласи дека нема кризна состојба, ниту потреба од запирање на извозот на електрична енергија, јавува БГНЕС.
Заменик-директорот на централата, Андреј Красночаров, изјави дека мерката треба да ја олесни работата на пумпните постројки што обезбедуваат вода и оти нема никаква поврзаност со нуклеарната безбедност. Реакторот работи нормално, а доколку нивото на Дунав продолжи да опаѓа, можно е да биде намалена и моќноста на шестиот блок.
Директорот на Централната диспечерска управа, Димитар Зарчев, информира дека дневната потрошувачка изнесува околу 90.000 мегават-часови, извозот околу 30.000, а вкупното производство околу 131.000 мегават-часови. „Немаме проблем ниту со балансот, ниту со извозот на електрична енергија“, рече Зарчев.
НЕК увери дека намалената моќност нема да влијае врз снабдувањето на домаќинствата или врз берзанскиот пазар. Нивото на Дунав од вчера е зголемено за два сантиметри, но состојбата останува динамична.

