| | |

(Видео) БГНЕС со филм за концептот „Српски свет“ и неговото влијание на Балканот

Најновиот филм на БГНЕС, „Ползечките граници на Српскиот свет“, ја разгледува улогата на историските митови, пропагандата и политичкото влијание во ширењето на концептот „Српски свет“ во регионот. Премиерата е најавена за 1 септември.

Филмот го следи политичкиот пат на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој во 1993 година се приклучува на Српската радикална партија на Воислав Шешељ, а во 1998 година станува министер за информации во времето на Слободан Милошевиќ. Во 2008 година Вучиќ учествува во создавањето на Српската напредна партија, која како официјална политичка цел ја поставува европската интеграција.

Во филмот се поставува прашањето дали концептот „Српски свет“, претставуван од неговите поддржувачи како културно и политичко поврзување на Србите во регионот, претставува современо продолжение на великосрпската политика.

Универзитетскиот професор од Белград Иван Виденовиќ оценува дека станува збор за „целосна реставрација на политиките на Милошевиќ“ и дека повторно се актуализира идејата регионите со српско мнозинство на Балканот да бидат ставени под одредена форма на контрола.

Во документарецот учествува и Ненад Чанак, основач на Лигата на социјалдемократите на Војводина, кој остро ја критикува политичката состојба во Србија и предупредува дека долгогодишното повторување на националистички наративи ја претворило „лагата во реалност“.

„Ползечките граници на Српскиот свет“ се обидува да одговори каде завршува грижата за сонародниците, а каде започнува мешањето во внатрешните работи на соседните држави.



Слични Објави