(Видео) Центарот за словенско-византиски проучувања „Проф. Иван Дујчев“ стана институт на Софискиот универзитет
Центарот за словенско-византиски проучувања „Проф. Иван Дујчев“ во Бугарија е преобразуван во институт при Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“, што според директорката проф. Васја Велинова е признание за 40 години научна работа и отвора нови можности за меѓународна соработка и истражувања, јавува БГНЕС.
„Преобразувањето на центарот во институт го зацврстува неговото место во бугарската наука и е признание дека за 40 години се етаблирал како средиште на сериозни научни истражувања“, изјави проф. Велинова за БГНЕС.
Меѓу најзначајните ресурси на институтот се ракописните збирки, кои се обработени, опишани и дигитализирани. Грчката колекција содржи 463 ракописи и фрагменти, а нејзиниот дигитален фонд опфаќа околу 200.000 снимки.
Институтот работи и на проект за кирилска палеографија, во кој со помош на вештачка интелигенција се развива технологија за препознавање и опис на ракописни почерци.
Меѓу вредните споменици се автограф на грчки автор, илустриран препис на пророштвата на Лав Мудриот, дамаскин од првата новобугарска редакција и апостол од XIV век поврзан со Трновската книжевна традиција.
„Не треба премногу да ѝ веруваме на вештачката интелигенција, но не треба ниту да ја занемаруваме“, нагласи проф. Велинова.
Новоформираниот институт ќе се фокусира на зачувување, истражување и популаризација на словенското и византиското културно наследство, како и на привлекување и обука на млади истражувачи.
