|

Детали за нападот во Хамбург: Напаѓачот кој уби седум лица бил поранешен член на Јеховините сведоци

Синоќа во 21 часот и 15 минути силни полициски сили и голем број амбулантни возила беа испратени во Алстердорф, пред зградата во која се наоѓаат Јеховините сведоци.

Таму нашле крвопролевање. По пристигнувањето на местото на настанот, специјалните сили и полициските службеници за итна помош влегле во зградата и слушнале истрел. Се претпоставува дека напаѓачот се самоубил.

Потоа наишле на мртви и ранети, кои почнале да ги вадат од зградата.

Според досегашните информации, загинале седум лица, а најмалку осум се ранети, а дел се во многу тешка состојба. Според информациите на германските медиуми, едно лице починало во болница.

„Имаше пукање на последниот кат и таму беше пронајдено мртво лице. Претпоставуваме дека тоа е сторителот“, изјави Холгер Верен од полицијата во Хамбург за германскиот портал t-online.de. Се уште не е јасно дали навистина се работи за сторителот.

Според информациите од безбедносните кругови, полицијата во Хамбург ги оквалификувала престрелките како варварски изолиран чин. Заднината на пукањето или мотивот се уште се нејасни.

Кој е напаѓачот?

Неговиот идентитет се уште не е објавен. Полицијата за напладне најави прес-конференција за да открие повеќе информации.

Германските медиуми јавуваат дека напаѓачот наводно е поранешен член на заедницата на Јеховините сведоци и има меѓу 30 и 40 години.

Тој убивал луѓе со пиштол, кој се уште не се знае дали го поседувал легално.  Досега не и’ бил познат на полицијата.

Покрај големиот број полицајци на местото на настанот, над зградата прелета и хеликоптер.

„Во четири наврати слушнав истрели. Помеѓу истрелите имаше околу 20 секунди до една минута молчење. Погледнав низ прозорецот и видов едно лице како избезумено трча од приземјето кон првиот кат на зградата на Јеховините сведоци. Подоцна видов полицајците вадат луѓе на улица“, вели студентот кој живее во зградата спроти.

Таа додаде дека во зградата често имало разни настани и дека секогаш имало гужва.



Слични Објави