|

Филипче: Народот го праќаат на езера, тие да летаат на море со владин авион

Оваа влада народот го праќа на езера, за тие да летаат на море со владин авион, нагласи претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција. Филипче посочи дека Владата на ВМРО со погубните политики се повеќе ја изолира државата, граѓаните од ден во ден живеат потешко, додека власта се луксузира.

„Од Македонија прават слепо црево на Балканот и не изолираат секојдневно. На граница не може нормално да поминете. На лето ќе се чека меѓу осум и десет часови. На родителите со мали деца им велат – „Што ви треба море? Одете на езера и планини”, додека тие со државниот владин авион одат на море и живеат во луксуз. Затоа, мора да застанеме на патот на оваа криминална организација“, рече Филипче.

Тој додаде дека Владата на ВМРО ги уништува соништата на младите и достоинството на повозрасните генерации.

„Им ги зедоа соништата на младите луѓе кои само гледаат како да избегаат од тука. А на старите им ги земаа достоинствените години во пензија. На родителите им ја зедоа можноста за нормално воспитување и школување на децата.Народот да гладува, а тие да носат часовници од 60 илјади евра, да купуваат нов авион додека некој нема за леб. Банда обична. Собир на криминалци кои ве лажат“, рече Филиче.

На прес-конференцијата Филипче порача дека Владата на ВМРО нема право да ја жртвува иднината на државата, Македонија и Европа се нашиот идентитет, и следуваат промени.

„Јас ви ветувам, поради се ова, тие ќе одговараат. Реформи, правда и Европа. Нема враќање назад. Сакаме во Европа. Сакаме успешна и богата Македонија, а не европска Венецуела. Сакаме светла иднина за нашите деца. Сакаме достоинствена Македонија и тоа да биде за сите граѓани на земјава.Европа е нашиот национален интерес. Македонија треба да биде во Европа. Македонија и Европа се нашиот идентитет“, рече Филипче.

Слични Објави