(Видео) Генчовска: Никој од МНР не отстапил и нема да отстапи од бугарската позиција за РС Македонија
Нема промена во ставот на Бугарија за европската интеграција на Северна Македонија. Ова за БНТ го потврди министерката за надворешни работи на Бугарија Теодора Генчовска.
„Никој од тимот на МНР во сите нивни разговори, средби со европски партнери, амбасадори на други земји членки на ЕУ или НАТО, не отстапил од оваа позиција и не преземал обврски поврзани со рокови“, вели министерката.
Генчовска толкувањето на зборовите на германската министерка Бербок го опиша како интерпретација на медиумите. Таа изјави дека има записки од разговорот, како и белешки од сите средби на тимот на МНР.
„Би рекла дека е дезинформација или некаква шпекулација. Од бугарската страна не се преземени никакви обврски во врска со почетокот на преговарачкиот процес со РСМ“, рече Генчовска.
„Бевме искрени и кажавме дека нема напредок за политичките прашања и покрај нашата желба, бидејќи она што го очекуваме од македонска страна се конкретни резултати во спроведувањето на нашиот договор за добрососедство од 2017 година“, вели Генчовска.
Бугарските главни барања за PCM остануваат непроменети. Софија инсистира правата на македонските Бугари да бидат загарантирани во македонскиот Устав.
„Да ви кажам искрено, нема напредок за политичките прашања – ние навистина подадовме пријателска рака на МНР на РСМ. Очекуваме конкретни резултати“, рече бугарскиот министер за надворешни работи.
Пред БНТ, Теодора Генчовска е децидна дека овој тим на МНР нема да отстапи од ниту едно од бугарските барања.

