|

Градовите во Германија се уште под вода, пет лица загинаа

Пет лица загинаа, а илјадници се евакуирани во јужна Германија по обилните дождови кои предизвикаа поплави. Во Баварија животот го загубија две лица и еден пожарникар, изјави за Си-ен-ен Јирген Вајс од Здружението на пожарникари на Баварија. Едниот цивил бил однесен од порој додека бил во својот автомобил, додека причината за смртта на другиот се уште не е позната. Пожарникарот загинал при спасувањето, кога чамецот се превртел.

Две лица загинаа во провинцијата Баден-Виртемберг. Властите веруваат дека тие загинале додека се обидувале да испумпаат вода од нивниот подрум. Шест лица и еден 22-годишен пожарникар се уште се водат како исчезнати. Вчера наутро нивото на Дунав во градот Пасау достигна 9,6 метри, што е речиси двојно повеќе од нормалното ниво за овој период од годината.

Пасау е познат како град на три реки (германски: Dreiflüssestadt) и се наоѓа на реката Дунав и на сливот на реките Инна и Илза. Има околу 50.000 жители.

Градските власти поради поплавите го прекинаа моторизираниот сообраќај и ги испразнија подземните паркинзи. Од фотографиите се гледа дека целиот централен дел на градот е под вода. Многу улици се практично непроодни, односно по нив пловат само чамци на спасувачки тимови.

Членовите на организацијата „Научниците за иднината“ го критикуваа односот на политичарите кон законот на ЕУ за ренатурација. „Овие поплави уште еднаш покажуваат колку е важно да се спроведе директивата на ЕУ за ренатурација што е можно поскоро“, рече Гинтер Лангерграбер од Универзитетот за природни ресурси и животни науки во Виена.

„Ренатурацијата им овозможува на реките повеќе простор и на тој начин создава области кои ги пригушуваат брановите на поплави. Неразбирливо е што австриските политичари ја блокираат одлуката за директивата на ЕУ за ренатурација“, додаде тој.



Слични Објави