| | |

(Видео) Христо Груев Данов – бугарскиот Гутенберг и татко на организираното издаваштво во Бугарија

Христо Груев Данов (1828–1911), еден од најистакнатите дејци на бугарската Преродба, останува запаметен како основоположник на организираното книгоиздаваштво во Бугарија. Познат и како „бугарскиот Гутенберг“, Данов оставил траен белег врз образованието, културата и јавниот живот, пишува Актуално.

Роден во Клисура, Данов своето образование го стекнал во Панаѓуриште и Копривштица, каде што учел кај познатите просветители Сава Радулов, Најден Геров и Јоаким Груев. Од 1849 година работел како учител во Пловдив, Стрелча и Перуштица, а во 1850 година го основал првото неделно училиште во Стрелча.

Во 1857 година, заедно со Јоаким Трувчев и Њагул Бојаџиски, ја основал првата бугарска издавачка куќа „Дружинска книговезница“ во Пловдив. Подоцна, во 1862 година, таа прераснала во „Издавачка куќа Хр. Г. Данов и Друштво“ со подружници во неколку градови, меѓу кои Русе, Велес, Софија и Лом. Неговата печатница објавувала учебници, прирачници, карти и дела од класични и современи автори, а со текот на времето станала водечка во регионот.

Данов бил и основач на првиот општобугарски весник „Марица“ (1878–1885) и на алманахот „Летоструј“, издаван меѓу 1869 и 1876 година. Со својата активност придонел за развој на просветата и културниот живот во земјата.

По Ослободувањето, Христо Данов се вклучил во јавниот живот. Како градоначалник на Пловдив (1896–1899) го иницирал првиот урбанистички план на градот и програмата за озеленување на ридовите. Познат е и по тоа што одбил да прима плата за својата работа во јавна служба.

Данов бил избран за дописен член на Бугарското книжевно друштво (денешна БАН) во 1881 година, а во 1900 година станал негов почесен член.

Денес, неговиот дом во Стариот Пловдив е претворен во музеј, дел од експозицијата „Издаваштво во Бугарија“ при Регионалниот историски музеј – Пловдив, каде што се чува споменот за човекот што ја постави основата на бугарската книжевна и издавачка традиција.



Слични Објави