(Видео) Искршени компјутери и инвентар, вандализам во основното училиште „Ванчо Прке“ во Штип
Искршени смарт табли, табли, инвентар и компјутери во штипското основно училиште „Ванчо Прке“. Вандалскиот чин е извршен вчера, а денеска во училиштето нема настава.
„Ги известуваме сите родители дека денес немаме настава во училиштето од оправдани причини“, пишува на профилот на „Фејсбук“ на училиштето.
Освен искршена техника, лицето што влегло во училиштето со спреј на ѕидовите испишало недолични пораки.
Директорот на училиштето, Кокан Радев, кажа дека е направена голема материјална штета. Според камерите за видео надзор во училиштето, вандалот влегол некаде пред полноќ.
Проценката и увидот сѐ уште траат, по што ќе се знае висината на материјалната штета.
