(Видео) Историјата на Крџали – осум илјади години развој и соживот
Организираниот живот на територијата на денешниот град Крџали почнува уште во VI милениум пр.н.е., што го потврдуваат археолошките истражувања во центарот на градот. Ова го истакнува Светла Михајлова, кустос во Регионалниот историски музеј – Крџали, според која историјата на градот опфаќа повеќе од 8000 години, пишува БГНЕС.
Во средниот век територијата често преминувала под власт на Бугарија и Византија. Значајни сведоштва за тој период се Перперикон и архитектонскиот комплекс околу црквата „Свети Јован Претеча“.
„Пред паѓањето под османлиска власт, регионот бил целосно бугарски. Тоа го докажуваат бројните средновековни цркви и некрополи“, вели Михајлова.
Крџали е ослободуван двапати – првпат во Руско-турската војна (1877–1878), а конечно во Балканската војна (1912–1913). „Во историјата на Бугарија и на Кърџали негов ослободител е генерал Васил Делов“, нагласува таа.
Меѓу двете светски војни градот бележи брз економски и културен развој. По 1920 година се населуваат бегалци од Беломорска Тракија, се развива индустријата, трговијата и инфраструктурата. Особено значајна е изградбата на железничката линија Хасково–Момчилград, која го заменува дотогашниот транспорт со камили.
Тутунот станува еден од главните стопански столбови. „По 1920 година во Кърџали работат над 30 фирми за обработка и трговија со тутун, кој најчесто се извезува преку Грција“, вели Михајлова.
Градот се оформува и како културен центар со активен општествен живот, музички салони, театар, печатница и бројни здруженија.
„Во 20-тите, 30-тите и 40-тите години Крџали се оформува како модерен град, благодарение на локалната интелигенција“, посочува таа.
И покрај честите промени на градоначалници, има и стабилни периоди, како управувањето на Петко Калчев (1959–1974), кога се градат улици, водовод и јавна инфраструктура.
„Во Крџали живеат Бугари христијани и муслимани, Турци, Ерменци, Евреи и Грци. Градот е спој на етноси и религии кои живеат во меѓусебно разбирање и почит“, заклучува Светла Михајлова.

