| | |

(Видео) Истражување на НОВА: Зошто македонски пратеник ги негира своите бугарски корени

Ова лето еден помалку познат пратеник во македонскиот парламент предизвика голема бура во Бугарија, пишува бугарската Нова телевизија во напис на истражувачкиот новинар Стојан Нешев.

Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ ги вмеша бугарските служби во операција за дискредитација на Северна Македонија. Ја обвини Софија во хибриден напад против македонскиот идентитет и суверенитет. Неколку дена подоцна, медиумите во Бугарија излегоа со наслови дека тој е единствениот Македонец во едно бугарско семејство.

Лефков е роден во Скопје, неговото семејството е од Кочани. Завршил на Правниот факултет во Скопје и е активен говорник на ВМРО-ДПМНЕ за прашања поврзани со националниот идентитет. На 24 јули, во интервју за телевизијата СИТЕЛ, Миле Лефков изјави дека нема роднини Бугари:

„Им се извинувам на моите роднини, братучеди, брат, што ги вовлеков во ваква политичка каша. Колку што знам, никој од нив нема бугарски пасош и мислам дека ова е неприфатлив начин за справување со политички противници.“

Одлучивме да провериме дали македонскиот пратеник има роднини Бугари. Според документи добиени од наши извори, се утврди дека Миле Лефков не е сосема во право. Неговиот брат Иван Лефков добил бугарско државјанство пред две години. Пред бугарското Министерство за правда приложил потврда за идентитет поврзана со тоа кој му е дедото. Во своето барање за бугарско државјанство, Иван Лефков напишал дека татко му, мајка му, сопругата, децата, како и брат му Миле Лефков, се Бугари. Тоа го навел во 2021 година. Самиот тој напишал дека аплицира за бугарски документи затоа што е воспитан според традициите и обичаите на Бугарија и има бугарска самосвест.

Го побаравме Иван Лефков на адресата во центарот на Софија што ја дал на бугарските власти. Се покажа дека адресата е всушност онаа на општината „Средец“ во Софија. Се обидовме да стапиме во контакт и со неговиот брат – пратеникот Лефков, за да го прашаме како е можно кога мајка ти, татко ти и брат ти се Бугари, ти да тврдиш дека не си, но не успеавме да стапиме во контакт.

Зошто бугарскиот пасош во Северна Македонија се смета за компромат, го прашавме општественикот Георги Трендафилов и новинарот од tribuna.mk Атанас Величков.

„Нашиот стар непријател Бугарија се појавува на сцената како злото од кое треба да се пазат граѓаните на оваа земја. Целата кампања е вулгарна, негативна. Би рекол и примитивна“, изјави Георги Трендафилов.

„Во еден момент, кога имаш интерес, работиш, започнуваш бизнис, правиш нешто што сметаш дека е правилно, бугарскиот пасош ти помага. Во друг момент, кога сакаш да направиш политичка кариера – а во РСМ не е пожелно да имаш бугарски пасош ако сакаш политичка кариера – тогаш тоа се крие. Кога веќе си во системот, а ти или твоите роднини имате пасош, подобро е тоа да остане тајна, бидејќи тоа пречи на пропагандата. А пропагандата е многу едноставна – во РСМ Бугарите се само неколку стотици предавници, сите останати се Македонци. Реално, (според пропагандата, бел. уред.) во РСМ нема бугарска заедница. А тие што зеле пасош, го зеле по економски причини“, вели Величков.

Тезата за неколку стотици Бугари е став и на премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, иако според податоците на бугарските институции станува збор за над 200 илјади македонски граѓани кои добиле документи за бугарско државјанство.

Мицкоски ја презеде власта минатата година, најмногу благодарение на националистичките ветувања кои засега не се исполнети. Не ја тргна придавката „Северна“ од името на државата, ниту пак ги промени условите за преговорите за членство во Европската Унија. Главното прашање останува – вклучувањето на Бугарите во македонскиот Устав.

„Прашањето е каква е потребата да се вклучи во преамбулата на нашиот устав бугарската заедница која живее во Македонија. Тоа се неколку стотина граѓани. Не сто илјади, туку стотина. Мислам дека на последниот попис беа 800 или 900“, изјави Мицкоски.

Пред неколку месеци, во програмата на NOVA беа објавени документи на роднини на премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, поднесени до бугарските власти, во кои декларираат дека имаат бугарски корени – прв чекор кон добивање бугарско државјанство. Проверката утврди дека Стевица Јанева – сестра на сопругата на премиерот, Роза Мицкоска, и нејзиниот сопруг Јорданчо Јанев имаат бугарски пасоши уште од 2016 година.

Покрај тоа, во декларацијата за државјанство, Јанева навела дека нејзините родители, децата и сестрата се Бугари по народност од Струмица. Во интервјуто пред бугарските власти изјавила дека има роднини во селото Брезница, Петрич и Софија. Нејзиниот сопруг, Јорданчо Јанев, исто така добил бугарски документи во 2016 година и изјавил дека има бизнис во Бугарија, регистрирајќи транспортна фирма со 11 камиони.

Мицкоски досега само еднаш ја коментирал оваа тема, тврдејќи дека тој и неговата сопруга Роза имаат само македонски пасоши. Антибугарските пораки, сепак, беа централна точка во неговата изборна кампања.

„Крајната цел не се неколку стотици македонски граѓани во Уставот. Целта е многу подлабока и поопасна за Европа. На тој начин, ЕУ губи дел од својот имиџ и не знам до кога ќе има трпение со нашиот источен сосед“, изјави Мицкоски.

„Подготовката на Резолуцијата, која ќе биде победничко решение за државата и граѓаните, е во завршна фаза. Со оваа Резолуција ќе предложиме национален механизам за справување со евентуални неосновани барања од Бугарија за време на преговорите“, рече лидерот на СДСМ, Венко Филипче.

„Членови на семејството на актуелниот премиер на Северна Македонија се Бугари. Неколкумина се и граѓани на Република Бугарија. Некои имаат и бизниси во Бугарија, од кои добро заработуваат. Лицемерието на сегашните политичари доведе до тоа да се затвораат здруженијата на македонските Бугари со задна дата“, коментира Трендафилов.

„Бугарија е дел од секоја изборна кампања, без разлика дали е за парламентарни или локални избори. Таа е удобен непријател. Нема разлика меѓу партиите – сите ја користат за свои интереси. Лидерот на СДСМ, Филипче, дури изјави дека половина од раководството на ВМРО-ДПМНЕ има бугарски пасоши и бизниси во Бугарија. Тоа се користи како компромат“, додаде Величков.

Во кампањата на владејачката партија се појави и пејачот Ламбе Алабаковски, кој беше осуден условно за палењето на бугарскиот културен центар „Иван Михајлов“ во Битола во 2022 година. Тој настапи на провладин митинг.

На почетокот на мандатот на Мицкоски стана познато дека и неговата министерка за енергетика, Сања Божиновска, имала бугарско државјанство. Таа се откажала од него во 2023 година, откако добила чешко државјанство. Во својата декларација за потекло, Божиновска навела дека и нејзините родители и братот се Бугари и поседуваат бугарско државјанство.

Слични Објави