(Видео) Јошевски: Планот за правата на заедниците во Северна Македонија е подигравка со Бугарите
Претставници на бугарските организации во Северна Македонија добиле само четири дена за да се запознаат со нацрт-документот на т.н. План за акција за заштита на правата на заедниците – рок што тие го сметаат за навредлив и недоволен јавува БГНЕС .
Според Љубчо Јошевски, претставник на бугарската организација „Балкански мост“ во Велес, Европскиот компромис од 2022 година предвидува јасна и последователна низа чекори што треба да го гарантираат европскиот пат на Северна Македонија, доколку државата ги исполнува преземените обврски. Вклучувањето на Бугарите во Уставот, посочува тој, е само првата фаза и не обезбедува суштинска заштита сама по себе. Клучниот втор чекор е усвојувањето на Планот за акција за правата на заедниците, кој треба јасно да ги дефинира проблемите, мерките, финансирањето, механизмите за надзор и индикаторите за успех.
Наспроти овие очекувања, Јошевски тврди дека властите во Скопје се подготвуваат да ја заобиколат токму оваа фаза. Претставениот нацрт-план според бугарските здруженија, воопшто не ги исполнува потребните стандарди. Тие сметаат дека институциите брзаат да го финализираат документот до крајот на годината со цел Бугарија и Европската унија да бидат ставени пред свршен чин.
„Планот го добивме на англиски јазик и веднаш се појавија сомнежи за мисловни грешки при преводот. Имаше и други забелешки, затоа што ниту еден Бугарин, претставник на здружение од Северна Македонија, не беше консултиран“, изјави Јошевски, додавајќи дека сите постапки на македонската влада укажуваат на постоење на „задна намера“. „Се гледа дека некој не сака да се реализира она што е цел – Северна Македонија да стане дел од ЕУ. Кога има пречки на патот, целта не се постигнува“, нагласи тој.
Јошевски се осврна и на неодамнешниот напад врз бугарскиот општественик и новинар Владимир Перев во продавница во Скопје. Според него, ваквите инциденти можат да продолжат:
„Мислам дека овие работи ќе продолжат во Северна Македонија. Секогаш кога има човек со капацитет, целта е тој да биде спречен. Бугарија реагира, но треба да го прави тоа поконкретно, европски и законски. Потоа ред е на институциите во Северна Македонија да преземат мерки и да покажат дека стојат наспроти омразата кон нас Бугарите“, изјави претставникот на „Балкански мост“.

