(ВИДЕО) КОСТАДИНОВ: БЛИЗОК СОРАБОТНИК НА ГРУЕВСКИ Е ГАЗДА НА ФИРМАТА ШТО НОСЕЛА МЕДИЦИНСКИ ОТПАД ВО „ДРИСЛА“
Вината и одговорноста за скандалот со несоодветно третиран медицински отпад е целосно кај ВМРО-ДПМНЕ, изјави денеска портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов.
Според него, фирмата што го депонирала необработениот отпад на депонијата „Дрисла“ е битолската „Екоклуб“ во сопственост на Сашо Јанакиевски, многу близок соработник на Никола Груевски и почесен конзул за Македонија на унгарскиот премиер Виктор Орбан.
„Сашо Јанакиевски, сопственикот на ‘Екоклуб’, беше поставен за директор на унгарски трговски куќи во Скопје. ‘Екоклуб’ е битолска фирма, која дебело се офајдила во времето на ВМРО-ДПМНЕ, a тоа се гледа од многуте тендери од времето на вмровскиот градоначалник на Битола, Владимир Талески“, истакна Костадинов нагласувајќи дека Јанакиевски го депонирал медицинскиот отпад на „Дрисла“, без притоа да го обработи и уништи.
Според него, ваквиот отпад, инаку забранет на депонијата „Дрисла“, бил носен таму бидејќи тоа го овозможувал уште еден кадар на ВМРО-ДПМНЕ.
„Се работи за Горан Ангелов, кој со години беше директор на депонијата, сè до пред две седмици, кога Град Скопје го презеде управувањето со ‘Дрисла’. Тоа е истиот Ангелов, кој преку своја фирма во Бугарија вршел незаконски увоз на контејнери со опасен отпад од Италија и за кого се води истрага во соседна Бугарија“, посочи партискиот портпарол, кој додаде дека ако се знаат сите овие релации и пријателства на кадрите на ВМРО-ДПМНЕ, тогаш јасно е кој стои зад ужасот со медицинскиот отпад.
Костадинов констатира дека ВМРО-ДПМНЕ, заради профит на поединци, свесно го загрозувала здравјето на граѓаните и ја загрозувала животната средина.
„Овој случај мора да добие правен епилог. Сите надлежни институции, особено Јавното обвинителство, мора итно да го решат случајот и одговорните да бидат санкционирани“, порача тој.