ЧУЛЕВ: БЕЗ ГОВОР НА ОМРАЗА ВО МЕДИУМИТЕ ВО ПРЕДИЗБОРНИОТ ПЕРИОД

//

Денеска во хотелот Арка во Скопје, министерот за внатрешни работи Наќе Чулев и амбасадорот на ОБСЕ, Клеменс Која одржаа заедничка прес конференција на тема „Спречување на говорот на омраза во медиумите во предизборниот период“.

„Верувам дека сите ние немаме дилема, а тоа го осведочува и праксата на модерните демократски општества, дека медиумите, следствено на нивната улога и значење, бездруго го чинат еден од темелните сегменти, врз кои што се потпираат демократските стандарди и вредности на заедницата. Така што, без нив е просто невозможна онаа нужна општествена отвореност, отчетност и одговорност како клучна алка на системот, на неговата максимална функционалност. Генерално, тоа би значело, меѓу другото, дека без медиумската објективна позиционираност се ускратува едно од основните човекови права – правото да се биде информиран, а преку тоа и правото на граѓанинот да партиципира во јавните работи, но и правото да избира, да носи одлуки, што согласно законите и Уставот му припаѓаат“, изјави Чулев.


„Медиумите се важен промотор, фактор во препознавање и сузбивање на говорот на омраза и истите имаат одговорност во подигнување на јавната свест и едукација. Tие се сериозен партнер на Министерството за внатрешни работи. А, полицијата, отсекогаш, во доменот на своите надлежности, демонстрирала подготвеност, честопати и во соработка со нашите пријатели од мисијата на ОБСЕ, за градење и интензивирање на партнерството со сите професионални медиумски асоцијации, а токму во поглед на овозможувањето што поквалитетни услови за нивна работа. Тоа ќе го правиме и во периодот пред нас, дотолку повеќе што не очекува изборен период во којшто треба да ги создадеме условите за мирно, фер и демократско реализирање на изборниот процес, односно слободно изразување на волјата на граѓаните. Процес во кој што и ние како Министерство за внатрешни работи, а и медиумите, имаме свои јасни задачи“, истакна Чулев.


„ Министерството за внатрешни работи ги вреднува напорите и заложбите на граѓанскиот сектор и преземаме активности во насока на продлабочување на оваа соработка. Во изминатиот период во таа насока, заедно со медиумските организации и здруженија, реализиравме соодветна едукација на вработените во МВР за препознавање и санкционирање на говорот на омраза, но и едуцирање на граѓаните во насока на подигнување на нивната доверба во инситутициите кои се одговорни за справување со овој проблем. Токму по сугестија на невладините организации од пред две години, како дел од основната обука за полицајци, е воведен и модулот за препознавање на говорот на омраза.
Меѓу другото, чинам дека е неопходно да го подигнеме нивото на наша меѓусебна комуникација, нивото на институционалната транспарентност како механизам на своевидна превенција од секакви паушални, непоткрепени и потенцијално штетни појави со капацитет да бидат трансформирани во говор на омраза.
Сепак, дозволете ми да нагласам дека говорот на омраза во медиумите, пред се, примарно, е задача или обврска на самите медиуми, на нивните уредувачки правила и професионални стандарди. Полицијата не може, ниту, пак сака некому да биде уредник и редактор. Она што полицијата го може и зад што одлучно ќе застане е стриктната примена на законските одредби, во поглед на говорот на омраза, кој што како девијантна појава е веќе нормиран во нашето законодавство. Впрочем, ќе напоменам дека Министерството за внатрешни работи во текот на 2019 година до јавното обвинителство поднесе 45 кривични пријави против 51 сторител, а кои се однесуваат на дела поврзани со говорот на омраза.
Оттаму, во контекст на претходно изнесеното, сметам дека е од суштинска важност сите општествени чинители во континуитет да работат на креирање амбиент што ќе му овозможува на медиумскиот сектор да ја извршува својата примарна и професионална задача. А во тој смисол, се разбира, и Министерството за внатрешни работи како институција, која во одредена мера, пред се од аспект на спроведување на законите, има допирна точка со темата на оваа денешна прес конференција посветена на „спречување на говорот на омраза во медиумите во предизборниот период““, подвлече Чулев.




„Политичките тензии не смеат да предизвикуваат или да водат кон говор на омраза и во таа смисла одговорноста ја имаме сите. Важно е токму во овој период да се воздржиме од каква било поларизација која произлегува од политички, верски, етнички и други несогласувања. Во оваа насока, праќам посебен апел до политичарите да бидат посебно одговорни во овој значен период за нашата држава, а одговорноста, пред се, ја подразбирам во насока внимателност и претпазливост при давањето на изјави во јавноста, но и при секојдневната комуникација со граѓаните. Истовремено, ги повикувам да бидат потолерантни при критиките кои доаѓаат од јавноста, од проста причина што тие се избрани од граѓаните и граѓаните се тие кои ја оценуваат и критикуваат нивната работа. Со други зборови, токму политичарите треба да бидат пример за комуникација во која ќе покажат високо ниво на меѓусебно почитување и почитување кон граѓаните.


Во тој поглед, сакам, на крајот од ова мое обраќање, овде јавно и недвосмислено, уште еднаш да ја потенцирам подготвеноста и отвореноста на полицијата, на сите наши надлежни служби, не само во текот на веќе започнатите наши полициски подготовки за изборите, туку и надвор од нив, да партиципираме заедно со сите други фактори, вклучително и со самите медиуми и невладиниот сектор во градењето на услови што ќе ги елиминираат сите закани, сите можни опасности или проблеми во одржувањето на демократски и спокојни парламентарни избори. Истовремено, и да апелирам за продолжување и продлабочување на соработката со сите останати чинители во општеството. Особено, кога е во прашање говорот на омраза чии што негативни потенцијали, пред се во продуцирањето на насилно поведение и рушење на кохезијата во општеството, можат да бидат реална закана и предизвик за сите нас“, изјави на заедничката прес- конференција министерот Наќе Чулев со амбасадорот на ОБСЕ на тема „Спречување на говорот на омраза во медиумите во предизборниот период“.

Претходна статија

(ВИДЕО) КОСТАДИНОВ: БЛИЗОК СОРАБОТНИК НА ГРУЕВСКИ Е ГАЗДА НА ФИРМАТА ШТО НОСЕЛА МЕДИЦИНСКИ ОТПАД ВО „ДРИСЛА“

Следна статија

ПРИТВОР ЗА ИНСПЕКТОР ВО УЈП ОСОМНИЧЕН ЗА ПРИМАЊЕ ПОТКУП

Најново од Вести

(Фото) Вандалски акт или фотошоп- кој успеа да избрише буква од името на македонистичкиот клуб во Благоевград, напишано од внатрешната страна на излогот на клубот?!

Организацијата „Нов Асном“ денеска преку соопштение испратено до медиумите во РС Македонија се обиде да направи