(Видео) Ковачевски убедува пратеници: Предлогот е македонски, во Собранието секогаш постојат структури што сеат страв
Од собраниската говорница премиерот Димитар Ковачевски неколкупати повтори дека предлогот за измена на Уставот е македонски со цел да ги убеди пратениците да гласаат. Како и претходните денови, тој посочи дека поддршка има од Берлин и Вашингтон, а никој не нè асимилира, загрози и нападна. Според него, зад Македонија стојат најсилните и најголемите. Ковачевски посочи дека Европа има потреба од Македонија.
„Со гласањето ‘за’ ќе бидеме сите победници, а со ‘против’ ќе бидеме губитници. Денес е денот кога ќе стане јасно кој сака да ја види државата во ЕУ, а кој ја блокира. Кој ќе се заложи за државата да оди напред, а кој со изговори ќе биде од одговорност“, рече премиерот.
„Се водевме од единствениот најдобар начин да понудиме, да ги објасниме аргументите ‘за’ и да побараме поддршка за краткото изменување на Уставот. Не изолиравме никого, не одбивме дебата. И во 1991 година и сега – влезот во ЕУ беше, е и ќе биде најдобар државен политички процес, наш механизам да бидеме држава со сите стандарди. Тоа е со нашето членство во НАТО, што нè прави држава со сегашност, држава со јасна иднина“, рече Ковачевски.
Објасни и кои се интервенциите во Уставот.
„Речиси и да нема дебата и за слични прашања во Собранието, во која секогаш постојат политички структури и поединци, кои сеат страв, омраза, го преплавуваат просторот со лаги и црнила. Не заради нив, туку заради граѓаните, ќе се осврнам на конкретниот предлог. Предложените интервенции на Уставот се однесуваат единствено за додавање делови од народи при набројувањето на деловите од народите што живеат во државата“, посочи премиерот.
Посочи дека предлогот не е бугарски, туку македонски.
„Бидејќи за нашата историја знаеме, преку нас знаат и тие надвор. Предлогот за дополнување на Уставот има еден мотив, тоа е влез во ЕУ. Тоа што го бара и очекува огромното мнозинство граѓани во државата, ништо помалку, ниту повеќе. Предлогот е наш, македонски, според договорот од 2021 година, според кој ги отворивме преговорите за членство. Предлогот е направен во Скопје. Ги отфрлам лажните тези дека постои диктат од кого било за што било. Постои само нашата сегашна, а историска можност, да направиме добро за државата“, додаде Ковачевски.
Според него, не може да се загрози македонскиот народ и за него тоа е единствената вистина.
„Секој разумен човек знае и гледа дека предлогот нема да се одрази негативно на кои било атрибути. Уставните измени не загрозуваат идентитетско, македонско прашање. Тоа им е целосно јасно на сите во државата и затоа денеска, кога ќе ги видите улиците на Скопје и сите улици во државата, ќе видите дека сè е мирно и граѓаните очекуваат одлука за европската иднина“, додаде тој.
Поради нас самите, мора да бидеме европска држава, а патот не е ниту лесен ниту краток, посочи Ковачевски.
„ЕУ е наш најголем поддржувач, кредитор. Има најмногу инвестирано во Македонија. Европските компании се најсилните генератори на странски инвестиции. Членството во ЕУ овозможи раст на платите“, рече тој.
Тврдеше дека ново вето за што било и кој било – нема да има при преговорите. Се осврна и на минатата власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ за која рече дека создала заробена држава. Според него, причината за гласање на измените на Уставот се младите.
„Младите не се иселуваат поради Уставот, не стануваат и заспиваат со Уставот, туку со потребата да живеат човечки, европски, дома, мирно“, додаде Ковачевски.
Се осврна и на историјата, која ја опиша како тешка и мачна, со корупција. Ги праша пратениците и Владата: „Дали сакаме правна држава, што ја немаше досега?“.