Кузеска: Европа не може да прими во членство организирана криминална група како ВМРО
Граѓаните мораат јасно да разберат зошто Европската Унија бара реформи пред да нè прими во своето членство. Европа не може и не сака да прими организирана криминална група во својот систем, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Според неа, реформите не се технички услов, туку тие се брана против влез на криминал, корупција, партизација на институциите, контрола на медиуми и заробена држава во демократскиот систем во кој владее правило на правото, слобода на говорот и слобода на медиумите.
„А токму тоа што Мицкоски и ВМРО-ОКГ прават е спротивно на сè што Европа бара: ја партизира целосно судската власт и обвинителството – поставува свои луѓе на клучни позиции за да ги заштити себе и своите. Медиумите ги контролираат преку Орбановата мрежа во 40% од медиумскиот простор, а на останатите врши притисок преку финансирање од буџетот. Во Собранието воведува декрети за забрана на говор – класичен метод на контрола по примерот на најмрачните авторитарни режими. Со 161 тендер за една фирма, 52 за друга, тендер во „Пошта“ за ЗНАМ и со десетици други сомнителни набавки, продолжува системската кражба на државни пари. Преку границата се пренесуваат 5 тони дрога за сестринската партија СНС, а Мицкоски и неговата влада молчат. Ова не е демократија. Ова е организирана криминална група која ја зароби државата“, вели Кузеска.
Таа вели дека Македонија под Мицкоски не може да стане членка на Европската Унија.
„Може само да остане слепо црево на Балканот – изолирана, заробена и во служба на една криминална група. Доаѓа времето на вистината, правдата и одговорноста“, рече Кузеска.
