(Видео) Лагард: 1 jaнуари 2026 г. моето срце ќе чука за Бугарија!
Бугарија е повеќе од подготвена за воведување на еврото, изјави управниот директор на Меѓународниот монетарен фонд Кристалина Георгиева на конференцијата „Бугарија на прагот на еврозоната“, одржана во Софија, јавува БНР. Таа ја поддржа владината буџетска рамка и ги повика институциите да одржат фискална дисциплина и стабилност на јавните финансии.
„Бугарија мора да продолжи со одговорна политика – ограничување на растот на платите во јавниот сектор, зголемување на пензиските придонеси и насочување на јавните инвестиции кон продуктивни цели,“ изјави Георгиева.
Управителката на Европската централна банка, Кристин Лагард, исто така ја повика земјата да продолжи со реформите и истакна дека единствената европска валута носи сигурност и просперитет. Таа порача дека приклучувањето кон еврозоната не е крајна цел, туку почеток на ново патување.
„Васил Левски, најпочитуваниот бугарски херој, рекол дека народната кауза е над сè. Одлуката за еврото ја симболизира токму таа кауза,“ рече Лагард.
Премиерот Росен Желјазков нагласи дека воведувањето на еврото е голем успех за Бугарија и изрази уверување дека скепсата околу процесот наскоро ќе исчезне.
Конференцијата собра високи претставници на европските финансиски институции, меѓу кои еврокомесарот Валдис Домбровскис, управителот на БНБ Димитар Радев и министерката за финансии Теменужка Петкова.
Во симболичен гест, Лагард и Радев потпишаа проѕирен плакет со еврови банкноти, означувајќи го почетокот на последната фаза од бугарскиот пат кон еврозоната.
Лагард, која на 1 јануари 2026 година ќе го прослави својот 70-ти роденден, со насмевка додаде: „Тогаш моето срце ќе чука за Бугарија. Можеби ќе донесам и малку добро бугарско вино, за да го прославиме заедно овој историски ден.“

