(Видео) Мицкоски толерира четничка идеологија во Северна Македонија
Насер Селмани
Со последната изјава за директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Далибор Китановиќ, кој го величеше воениот злосторник Ратко Младиќ, премиерот Христијан Мицкоски покажа недозволива толеранција кон идеологијата на таканаречениот „Српски свет“.
Наместо јасно да го осуди и санкционира однесувањето на својот функционер, Мицкоски се обиде да го релативизира, велејќи дека Китановиќ „не треба да се распнува“, бидејќи се покајал, го повлекол ставот и се извинил.
Фактот дека станува збор за „индивидуален чин“ не ја ослободува Владата од одговорност. Китановиќ не е приватен граѓанин, туку владин функционер, а неговото јавно величење на осуден воен злосторник има институционална и политичка тежина.
Покајувањето не ја брише одговорноста. Тоа може да биде околност што ќе ја оценуваат надлежните судски институции, но не е оправдување за продолжување на мандатот. Китановиќ треба да биде разрешен, а Обвинителството независно да утврди дали постојат основи за кривична одговорност согласно член 407-а од Кривичниот законик. Неговата логика е чудна, треба да се амнестира секој што ќе се покае за прекршување на некој закон. Или тоа правило важи само за омилените функционери на премиерот?
Уште посериозна е изјавата на Мицкоски дека не знаел дека оправдувањето на воени злосторства е кривично дело. Ако премиерот не ги знае овие основни законски норми, тогаш се поставува прашањето што прават неговите советници и институции.
Но, суштинското прашање е друго: дали со вакви реакции Владата испраќа порака дека четничката идеологија и глорификацијата на воени злосторници можат да бидат толерирани?
Северна Македонија е НАТО-членка и држава која се декларира како дел од европскиот и демократскиот свет. Толерирањето на глорификацијата на геноцид и воени злосторства е спротивно на тие вредности и го доведува во прашање кредибилитетот на таквата определба.
Најболно е што со релативизирањето на глорификацијата на Младиќ се понижуваат жртвите на геноцидот во Босна и Херцеговина и се нанесува огромна штета на пријателството со бошњачкиот народ.
Премиере, ако сакате да го прекинете овој срамен случај, решението е едноставно: разрешете го Китановиќ и оставете го обвинителството независно да ја заврши својата работа.
А за Ратко Младиќ, историјата веќе ја донесе својата пресуда. НЕКА ГОРИ ВО ПЕКОЛОТ!
