|

(Видео) Митева: 25 пати поскапо косење трева, 1,5 милион евра повеќе од лани даваат СДС и ДУИ за нов договор

Над 2 милиона евра за косење трева и кастрење дрвја на патен појас се новиот криминал на власта, од кои излегуваат на површина скандалозните зделки на кои се темели оваа власт на ДУИ и СДС, обвини портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.

Таа презентира нови детали поврзани со овој тендер, кој, како што рече Митева, се склучува во моментот кога државата има веќе друг активен тендер за уредување патен појас.

„Имено, во 2021 година ‘Македонијапат’ има склучено договор за косење трева и кастрење дрвја на патен појас со времетраење од две години. Тоа е, почитувани, овој договор, кој потврдува дека важноста на договорот сè уште не е истечена и рокот на исполнување е валиден до јули 2023 година. Што значи, додека ‘Македонијапат’ има активен договор за реализирање на оваа работа, ЈПДП склучува нов договор со друга фирма, вреден 2 милиона евра. Ова, почитувани, е типичен пример на криминал и корупција, тендери за задоволување лични бизнис-интереси и оштетување на буџетот, без рационално трошење на народните пари.

Воедно, она што дополнително е скандалозно, е разликата во цени што „Македонијапат“ ја има во договорот со цената во договорот на ЈПДП. „Македонијапат“ има склучено договор со друга фирма за 25 пати поевтини цени на услугата за косење трева и кастрење дрвја на патен појас од цената на ЈПДП, чија вредност достигнува над 2 милиона евра.

Или ако „Македонијапат“ обезбедила фирма да го направи сечењето на дрвјата и косењето на тревата за 0,46 денари за м2, новата фирма од Кичево на тендерот на ЈПДП истата оваа услуга ја наплаќа 12 денари за м2. Односно, договорот на „Македонијапат“, кој сè е уште важечки, изнесува 1 милион евра за две години, а новиот договор на ЈПДП изнесува речиси 2,5 милиона евра. 1,5 милион евра, почитувани, повеќе!“, изјави Митева и додаде дека ова е вистината што се крие зад празната флоскула на ДУИ и СДС за европски фронт.

„Ова е нивната мантра – да цвета криминалот, да ја ограбуваат Македонија, тие да се богатат, а народот да осиромашува. Кога во Македонија нема пари за учебници, кога нема пари за лекови, криминалот цвета, а СДС и ДУИ се кријат зад фразата европски фронт.

Оваа власт, почитувани, нема ниту една европска вредност што ја применува, напротив, секоја нивна постапка и чекор е во насока на уништување на Македонија“, рече таа.

Корупцијата тешка од 2 до 22 милиона евра, заклучи Митева, е темелот на кој опстојува оваа криминална власт.

Слични Објави