|

(Видео) Митева: Буџетот за 2024 е расипнички, СДС и ДУИ секоја година ветуваат развоен буџет, но за криминал и корупција

Буџетот за 2024 година е расипнички и криминален. СДС и ДУИ за 2024 година, како и за претходните години од нивното владеење, проектираат мегаломански буџет, со многу пари за набавки и полнење џебови, вели портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.

„6 години по ред, од 2018 година до денес, СДС и ДУИ гласаат историски најголеми буџети, но 6 години по ред Македонија стагнира иако власта троши милијарди. Буџетот за 2024 година е цели 2 милијарди евра поголем од тој во 2018 година, буџетот годишно расте за 300 до 400 милиони евра, а економијата тапка во место.

Дека Македонија останува далеку зад регионот, кој забрзано ита напред, покажуваат статистиките за раст на БДП на жител. Од 2017 до 2023 година земјите во регионот бележат раст на БДП на жител над 50 %, а Македонија за истиот период бележи раст само од 20 %“, истакна таа.

Бројките, како што додава, се сурови за СДС и ДУИ, а тие покажуваат дека за време на нивното владеење, Македонија, која имала БДП на жител поголем од Босна и Херцеговина и Албанија, сега се наоѓа зад нив. Со СДС и ДУИ, Македонија станува најсиромашна држава не само во Европа туку и на Балканот.

„Што сработи власта за 6 години, освен што потроши 25 милијарди евра?

Како секој буџет од 2018 година до денес, според реториката на власта, е развоен, а всушност сите од регионот нѐ претркаа и остварија двојно или тројно поголем раст на БДП на жител од Македонија?

Заклучокот е јасен, ниту буџетите од 2018 до 2023 година не беа развојни ниту овој за 2024 е таков. Сите буџети досега, а најмногу тој за 2024 година, се за полнење на џебовите на луѓе блиски до власта додека народот нема лекови, учениците немаат учебници, пензионерите плачат за повисоки пензии, патишта не се градат, нема нови инвестиции.

Единствено нешто што се зголемува со оваа власт е долгот, кој од 4,7 милијарди во 2017 година сега е речиси 8,5 милијарди евра“, додава Митева.

По вакви бројки и ваков неуспех, според неа, единствено нешто што останува оваа Влада да го направи е да си замине и никогаш да не се повтори.

Слични Објави