| | |

(Видео) Нешков во „Трилинг“: Нема бугарски политичар, нема политичка партија која не посакува Македонија да биде дел од ЕУ

Нема бугарски политичар, нема бугарска партија, која не посакува Македонија да биде дел од Европската Унија. И мене, искрено да ви кажам ми е многу жал што Македонија губи време. Посебно во последните 7-8 години Македонија изгуби драгоцено време во кое таа можеше најмалку да биде таму каде што е Албанија во моментот. Ова за емисијата Трилинг го изјави познатиот бугарски новинар и сопственик на информативната агенција БГНЕС Љубчо Нешков.

Нешков пред Горазд Чомовски автор и водител на емисијата, ги коментираше резултатите од изборите во Бугарија, каква политика ќе води официјална Софија на релациите Вашингтон, Брисел, Москва. Каква ќе биде политиката на Румен Радев со соседите.

„Победата на Румен Радев е категорична и очигледно оттука натаму ќе бидеме сведоци, на нова политичка ситуација или, како што велат многу политички набљудувачи, крај на политичката нестабилност. “, изјави Нешков, додавајќи дека сѐ во внатрешнополитчки и надворешно политички план ќе зависи од тоа што ќе го исполнува, што ќе го извршува и на кој начин ќе работи Румен Радев.

„Бугарија не се менува во надворешнополитички план. Работите се многу јасни. Зајакнување на надворешната политика во рамките на ЕУ, стратешки односи со САД и прагматички односи со секој голем играч во светот. “, изјави Нешков.

Тој е дециден дека во однос на надворешната политика со Румен Радев начело не треба да има никакво изненадување, ниту кон НАТО и ЕУ, ниту кон соседните земји.

„Нека бидеме многу јасни и категорични за нашите билатерални односи. Нема бугарски политичар, нема бугарска партија, која да не посакува Македонија да биде дел од Европската Унија. И мене, искрено да ви кажам ми е многу жал што Македонија губи време. Посебно во последните 7-8 години Македонија изгуби драгоцено време во кое таа можеше најмалку да биде таму каде што е Албанија во моментот. Категорична поддршка за влезот во ЕУ, категорично почитување на нашите билатерални односи, на преговарачката рамка. Никој не треба да очекува дека по ова прашање во однос на Скопје ќе има некаква промена“, дециден е Нешков.

Бугарскиот новинар истакна дека се е во рацете на власта во Скопје и додаде дека ќе биде многу погрешно да се тргне во потрага на некакви билатерални спорови во односите со Софија.

„Сѐ е јасно, сѐ зависи од власта во Скопје. Видете многу често во Македонија Бугарија е тема за секакви работи. Дали се избира градоначалник на Скопје или директор на нешто, се спомнува Бугарија. Во Бугарија имавме предизборна кампања, во која Македонија не постоеше како тема. Дури и кај тн. националистички формации, кои се веќе со згаснувачко влијание во земјата“, истакнува Нешков.

Во своето излагање Нешков ја подвлече важноста на Коридорот бр 8, кој според него ќе ја затврди независноста и безбедноста на Северна Македонија.

„Коридорот 8 треба да стане реалност и тоа ќе биде едно од најголемите достигнувања за Македонија. Коридорот бр. 8 ќе ја гарантира нејзината целосна независност, не само економска, туку и воена. Бидејќи Коридор 8 е дел и од воената мобилност на НАТО. Тоа е многу важно за Македонија“, вели Нешков.

Во крајот на интервјуто Нешков се осврна на заблудите наметнувани врз македонските граѓани во однос на наводниот притисок што европските земји ќе го применат врз Бугарија.

„Вие имате преговорна рамка, има јасни услови. Дајте да не ги заблудуваме граѓаните. Дајте да не наметнуваме илузии и фантазмагории, кои категорично не се во интерес на Македонија. Зошто треба да се лажат луѓето. Зошто Македонија треба да губи време. Зошто Македонија заостанува, зошто стои во место? Отворете го патот, отворете го прозорот, отворете ја вратата, влезете. Не ги заблудувајте луѓето дека некој ќе дојде тука да мава шлаканици. Нема кој да мава шлаканици кога ние сме на едно место, а вие сте на друго. Зошто го пропуштате овој воз“, истакна Нешков.

Погледнете го целиот разговор во видеото што следи:



Слични Објави