(Видео) Ноев: Коридорот бр 8 е важен за економијата и одбраната, западот не ја разбира РС Македонија
Коридорот бр.8 не е важен само за економијата, трговијата и туризмот, туку и за воената инфраструктура и логистика. Потребна е средба на владите на Бугарија и на РС Македонија за да се разговара за инфраструктурното поврзување. Скопје мора да ги направи потребните измени на Уставот за да ја откочи европската интеграција на земјата. Ако тоа не се направи, Бугарија треба да го забрза давањето бугарско државјанство на оние граѓани од РСМ кои се чувствуваат Бугари. Ова во интервју за БГНЕС го изјави Бојко Ноев, дипломат и министер за одбрана (1999-2001).
Со него разговараме за плановите за модернизација на инфраструктурата со акцент на развојот на Коридорот #8 и бугарско-македонските односи по прифаќањето на францускиот предлог.
„Коридорот бр. 8 не е важен само за економијата, трговијата и туризмот, туку и за воената инфраструктура и логистика. Албанија, Република Македонија и Бугарија се членки на НАТО и оваа насока е вклучена во одредени планови на алијансата“, рече поранешниот министер за одбрана.
Тој истакна дека поради руската агресивна војна во Украина, вниманието во моментов е насочено кон врските југ-север, но „тоа во никој случај не треба да влијае на развојот на инфраструктурата во правец исток-запад“.
По повод изјавата на премиерот на Република Македонија дека Скопје ги исполнило ветувањата, а Бугарија не ја завршила работата за Коридорот бр. 8, Ноев истакна дека Димитар Ковачевски се изразил многу дипломатски.
„Бугарија е критикувана дека не вложила доволно напори или што не го става развојот на Коридорот бр. 8 меѓу нејзините повисоки приоритети. Плановите постојат одамна, европските финансирања се одобрени, но бугарската страна е пасивна. Во право е премиерот Ковачевски и се надевам дека добро ќе биде слушнат. Неговите зборови се уште една причина да се одржи средба меѓу македонската и бугарската влада на која ќе се разговара за овие прашања“, смета Бојко Ноев.
На оваа идна средба треба да се направи преглед на билатералните односи и да се види до каде сме стигнале со изградбата на инфраструктурата: што е направено, дали Бугарија доцни и зошто, до каде е донесена железничката пруга, која од наша страна стигна до граница, а од нивна страна е уште далеку итн. „Се мора да се направи на добронамерен и брз начин, бидејќи тоа е во наш интерес. Тоа е позитивен фактор во нашите односи, што треба да ги повлече и другите прашања во билатералните односи кои не се решени“, рече Ноев.
Поврзаноста и инфраструктурата се само дел од прашањата меѓу Скопје и Софија, РСМ се уште не ги исполнилa условите од францускиот предлог, што во суштина е став на Европската унија. „Суштината на европската позиција е дека македонските Бугари треба да имаат еднакви права со сите други заедници. Првиот чекор во оваа насока е гарантирањето на нивните права во Уставот. Европа и САД не можат да ја разберат позицијата на противниците на ова вклучување. Поради оваа причина, претставниците на ЕУ и на САД им објаснуваат на нашите македонски пријатели дека без решавање на ова прашање нема да има напредок и членство во ЕУ“, нагласи Ноев.
Една од причините за отпорот на антиевропските сили е поддршката што ја наоѓаат во Русија, која традиционално прави посебни напори да сее раздор меѓу земјите од регионот, поконкретно меѓу Бугарија и РСМ. Ова е дел од општата политика на Кремљ за одложување на интеграцијата на овие земји во евроатлантските структури, додаде поранешниот министер за одбрана.
Друга опасност со која ќе се соочи Скопје доколку не ги направи потребните реформи е разделбата со Албанија на патот кон ЕУ. „Фактот што некои партии од РСМ имаат свои внатрешни планови не може да ја забави интеграцијата на Албанија. Не исклучувам дека годинава Албанија ќе се раздели од РСМ и ќе го забрза своjот пристап во ЕУ“, предупреди Бојко Ноев.
Тој е категоричен дека противниците на правата на македонските Бугари се единствени одговорни за одолговлекувањето на евроинтеграциите на РСМ. Според него, доколку вака продолжи, Бугарија мора да го направи тоа што е потребно македонските Бугари што поскоро да добијат европско државјанство. „Бугарија мора да покаже грижа за македонските Бугари и да ги забрза процесите за доделување бугарско државјанство на граѓаните од РСМ кои се сметаат за Бугари“, изјави Бојко Ноев.