| | |

(Видео) Ново издание на фото проектот „Јас сум Бугарка“

„Јас сум Бугарка“ фото проектот кој стекна голема популарност во Бугарија и надвор од неа, наполни 9 години. Прекрасните фотографии на фотографот од Габрово Радослав Прванов ја претставуваат убавината на Бугарија и бугарскиот фолклор преку ликот на младите Бугарки кои ги чуваат народните традиции.

Со текот на годините, проектот прерасна во серија изложби, а девојките вклучени во него веќе се над 70. До сега, фотографии од „Јас сум Бугарка“ се презентирани на места како „Палатата“ во Балчик, Копривштица и другите бугарски градови, но и во Народното собрание во Софија, Милано, Кина, Лондон…

Се започнува во 2014 година, кога Радослав Прванов во Копривштица запознал девојка облечена во народна носија.Силен впечаток оставил ликот на младоста во комбинација со историјата и колоритот на носијата. Фотографот решил да го фотографира девојчето, облечено во традиционална носија, но не во Копривштица, туку во нејзиниот роден Пловдив. Кадрите предизвикаа вистински бум на социјалните мрежи и го означија почетокот на еден долгогодишен проект. „Тогаш помислив за тоа колку убави катчиња има кај нас, и колку убави девојки ќе сретнам“, се присетува Радослав во разговор со Вања Бахчиванова од БНР-Благоевград и додава:

„Затоа избрав 22 девојки, со кои почнав да составувам карта на Бугарија, која ќе вклучува многу лица, носии и места со културно историско значење и природни феномени, со цел да раскажам за историјата на Бугарија, богатството на нашата култура, фолклор и традиции преку младото чисто моминско лице на невиниот лик на Бугарката и да го претвориме во иконска слика и пример, со кој можеме да дадеме основа за верба кај постарите дека оставаат аманет во сигурни раце“.

Во моментов, младиот фотограф работи на ново издание на проектот, под наслов „Јас сум Бугарка! – чуварка на домот“. Овој пат фотографиите ги откриваат секојдневните активности на Бугарката од минатото во автентична атмосфера.

„Во проектот учествуваа 25 девојки, со кои претставивме 23 традиционални активности од минатото во отворениот етнографски музеј „Етара“ кај Габрово. Проектот ќе биде прикажан следната пролет“, вели Радослав.

Интересното е што наместо типични фото-модели, пред неговиот фотоапарат стојат духовити млади Бугарки со личен однос кон наследството од минатото, а костимите во кои се облечени им припаѓаат на нивните баби и прабаби. Девојките се избрани многу внимателно.

„Покрај тоа што се чувари на историјата, традициите, меморијата на предците и фолклорот, тие лично се занимаваат со фолклор и сродни уметности. И тоа се покажува во нив, бидејќи тие се совршени по изглед, совршени по дух и се најубавите претставници на ликот на Бугарката.Овие девојки не носат костими како еднократен чин, како и повеќето фотографски модели, тоа го прават со гордост, со почит и чест и вака го покажуваме вистинското продолжување на традицијата“, тврди Радослав.

„Јас сум Бугарка“ ги покажува најубавите места на Бугарија, а посебно внимание во проектот е посветено на бугарскиот југозапад:

„Како едно од златните катчиња на Бугарија, Југозападот немаше друг избор освен да биде присутен во проектот. Тоа е исклучително богат фолклорен регион, со многу добро сочувани локалитети, историја и неверојатно убава и разновидна природа. Во Пирин, јас најдов многу инспиративни места.Избравме атрактивни автентични костими кои се лично наследство на самите девојки“, вели фотографот Радослав Прванов.

Слични Објави