| |

(Видео) Панчев: Димитар Талев може да стане обединувачка фигура за двата народа, ако неговата куќа се претвори во музеј

Куќата на големиот бугарски писател Димитар Талев во Прилеп тоне во урнатини. Еден од наследниците Димитар Панчев за бугарската телевизија Bg On Air изјави дека куќата е стара два века, изградена е во типичен преродбенички стил, но е пред колапс.

„Сопственичката е речиси 100% инвалид и нема начин како да се грижи за куќата. Ова прашање трае веќе 20 години, истото е стигнато и до претседателот Георги Прванов, но се уште нема интерес од државата. Семејството на сопственичката Снежана Аческа ја купила куќата во 1926 лично од мајката на Димитар Талев. Таа има бугарска самосвест и се бори куќата да се продаде на бугарската држава“, објасни тој.

Според Панчев, Бугарија не е вклучена во случајот за да не се заострат односите со Северна Македонија.

„Димитар Талев може да стане обединувачка фигура за двата народа ако таму се создаде музеј, културна институција за зачувување на историјата на овој човек. Сопственичката бара 100.000 евра, што се смешни пари за Бугарија и државата е должна да реагира. Доколку државата не реагира, оваа куќа може да падне во рацете на некој бизнисмен и ќе ја изгубиме неповратно. Не треба да очекуваме РСМ да ја претвори куќата во музеј“, изјави Панчев.

Снежана Аческа поседува 3/4 од куќата, што е еднакво на околу 10 соби. Според Панчев, доколку останатите сопственици не се согласат да го продадат својот дел, нема проблем Бугарија да ги откупи преостанатите 3/4 од имотот и да „оперира“ со нив. Собрани се одредени средства од Фондацијата Димитар Талев, но тие не се доволни.

„Доколку државата не реагира, ќе преземеме мерки – најочајниот потег ќе биде да почнеме да собираме пари од бугарскиот народ за да ја купиме куќата и да ја донираме на Бугарија“, рече Димитар Панчев.



Слични Објави