| | |

(Видео) Патријарх Вартоломеј: Посетата на бугарскиот патријарх Даниил ја зајакнува врската меѓу Константинополската и Бугарската црква

Посетата на бугарскиот патријарх Даниил придонесува за зајакнувањето на врската меѓу Константинополската и Бугарската црква. Ова го изјави Вселенскиот патријарх Вартоломеј пред медиумите, јавува БТА. Денес тој присуствуваше на молитвеното учество на патријархот Даниил на светата литургија во црквата „Свети Стефан“ – Сан Стефано, во истанбулската населба Јешилкјој.

Литургијата ја предводеше духовниот поглавар на Бугарската православна заедница во Истанбул – архимандритот Харалампиј Ничев.

„Голема радост е да го имаме меѓу нас овој висок гостин, највозвишениот гостин, бугарскиот патријарх Даниил“, изјави Вселенскиот патријарх.

„Овие неколку дена ги поминавме толку убаво и пријатно со него, што сега ни е жал што си заминува. Му благодариме многу што ја оствари ова мирољубива посета, што веќе претставува едно историско случување“, додаде патријархот Вартоломеј.

Тој истакна дека, бидејќи патријарх Даниил е „млад предстојател, молитвите на светата Црква, на светата Велика Црква на Константинополската патријаршија ќе го придружуваат секогаш, за да го води побожниот православен бугарски народ кон патиштата и изворите на спасението и под негово водство придонесот на Бугарската црква за православното единство и соработка секогаш да биде многу значаен“.

„За нас беше радост сите овие денови што општевме и со избрани јерарси, митрополити на Бугарската православна црква, со кои одамна се познаваме и имаме пријателски односи. Секој од нив е подобар од другиот, односно секој од нив е многу добар“, посочи Вселенскиот патријарх.

Тој им се обрати и на претставниците на медиумите со зборовите: „На вас, претставниците на средствата за јавно информирање, кои сте тука и го проследивте овој настан, ви изразуваме искрена благодарност и на сите ви посакуваме благословена Нова година со мир во целиот свет“.

Слични Објави