|

(Видео) Писмо од Јовев и колективот на Кардиохирургија: Во нашата земја само успехот не се простува

Професорот доктор Сашко Јовев прочита писмо напишано заедно со колективот на Клиниката за кардиохирургија. Тој посочи дека имаат низа успеси, а разрешувањето покажува дека успесите не се простуваат во Македонија. Јовев постави и низа прашања до Министерството и до Владата како во негово име така и во име на колективот.

„Во нашата земја само успехот не се простува. Каква порака ќе оставиме кон младите генерации? Кардиохирургија, заедно со овој тим, во последните осум години создаде ултрамодерна клиника, која ги работи сите можни процедури во кардиохирургијата, кои се работат во најреномираните светски клиники. Создадевме најмодерна единица за интензивна нега. Излечивме многу тешки пациенти. Од проект израснавме во регионален центар. Сега за награда, дали од каприц, дали од скриена сугестија, добиваме смена на менаџметот на Клиниката. Покажуваме одличен пример на младите генерации, дека ако се учи и создава, ако се оперира 24/7, ако се сака земјата, ако се биде пожртвуван за пациентите, ако се опреми клиниката како најмодерните, не чини и треба да ги напуштиме клиниката и земјата или да не се прави сето тоа?“, праша Јовев читајќи го писмото напишано со колегите.

Тој посочи дека за него во животот постојат два начина на однесување – да се работи, создава и учи или да се гази по тоа. Докторот Јовев ги повика Министерството за здравство, министерот и Владата да ја преиспитаат одлуката за разрешување.

„Цврсто стоиме на ставот дека тимот што победува не се менува. Да ја оставиме политиката на страна. Ако сето ова се прави, се има магистериум, докторат, три специјализации, титули за редовен доживотен професор, се оперира, се едуцира, се воведува сѐ што е најново, значи дека се спие? Не знам, да видиме“, додаде Јовев читајќи го писмото.

Тој додаде дека ако имало пропусти во настанот при спроведување на протоколот – не смее да има разрешување.

„Сметаме дека најискусните луѓе треба да ги водат клиниките“, додаде Јовев.

Посочи дека сите работат 24/7 на Клиниката, а ако сите го евидентираат работното време – тој нема да може да ги плати.

Слични Објави