| | |

(Видео) Почина двократниот олимписки шампион во борење Бојан Радев

На 83-годишна возраст почина Бојан Радев, првиот двократен олимписки шампион во борење на Бугарија. Веста ја потврди новинарот Иво Димитров за агенцијата БГНЕС.

Бојан Радев е роден на 25 февруари 1942 година во селото Мошино, денес дел од градот Перник. Тој се натпреваруваше во борење грчко-римски стил во категоријата до 97 килограми. Освои олимписки титули на Игрите во Токио во 1964 и во Мексико Сити во 1968 година, а во 1966 година стана светски шампион во Толедо.

Покрај спортската кариера, Радев беше познат и како колекционер и дарител. Прогласен е за дарител број еден на Националниот историски музеј на Бугарија, каде што постои сала што го носи неговото име – „Дарение Бојан Радев“, со над 170 вредни експонати од неговата колекција.

Бојан Радев е првиот носител на признанието „Пјер де Кубертен“ за особени заслуги кон олимпиското движење. Меѓународниот олимписки комитет му го додели и „Трофејот на претседателот“. Меѓународната федерација за борење го одликуваше со „Златна огрлица“ и го вклучи во Куќата на славните во Оклахома, САД. Спортскиот клуб „Левски“ го прогласи за Спортист број еден на 20 век, а тој е и носител на Орден „Стара планина“ од прв степен.

Слични Објави