(Видео) Почина познатиот бугарски виолончелист, диригент и педагог проф. д-р Венцеслав Николов
На 18 август не напушти проф. д-р Венцеслав Николов (познат како Венци-чело) – истакнат виолончелист, диригент, педагог и писател, јавува БГНЕС. Роден во 1943 година во Русе, тој остави значајна трага со над 1500 концерти ширум светот, стотици снимки и бројни книги. Како професор на Националната музичка академија „Панчо Владигеров“, беше инспирација за генерации млади музичари и основач на камерниот ансамбл „Колегиум Музикум“. Ќе биде запаметен по својата виртуозност и несебична посветеност кон уметноста.
Во своето последно интервју за БГНЕС, проф. Николов изјави дека „ако сакаме да бидеме Европејци, нема потреба да ја оценуваме Бугарија преку продавниците, туку да се обидеме да останеме дел од културата на Европа“. Тој изрази загриженост дека недостигот на музичко образование ги лишува младите од естетска основа и предупреди дека без неа не можеме да ја „читаме книгата“ на сопствената култура. Со својата мудрост нагласи дека лакомоста и брзањето ја рушат суштината на времето, а вистинскиот живот е во способноста да се доживува воодушевување и радост, да се насмевнеш и да го почувствуваш секој миг.
„Ние сè уште живееме во романтичната епоха, сè уште сме романтичари. За неа е карактеристично дека човек не го сака своето време и затоа се врти кон минатото за да ја најде радоста. Тоа, од една страна, е убаво, бидејќи романтиката е омилена епоха во музиката. Но, од друга страна, човек треба да ги бара радостите и во своето време. Нашата епоха не се разликува од другите – секогаш имало несреќи, но луѓето се радувале, се женеле, имале деца. Топлината отсекогаш постоела во семејствата“, истакна маестро Николов и им посака на љубителите на музиката да ја откриваат радоста на животот преку уметноста.
