(Видео) Прв концерт на дуото Роџевски- Рид вечерва во Софија
Вечерва, со почеток во 21:00 часот, во салата „Синглс“ на НДК во Софија ќе се одржи првиот концерт во Бугарија на дуото Крсте Роџевски и Томика Рид. Тие пристигнаа директно од Њујорк за два специјални настапи – во Софија и во Скопје, јавува БНР.
Крсте Роџевски, битолчанец кој повеќе од две децении живее и работи во САД, е познат по својата соработка со режисерот Милчо Манчевски и по низата албуми снимени со врвни американски авангардни музичари, меѓу кои се Мери Халворсон и легендарниот продуцент Бил Ласвел. Неговата музика спојува балкански фолклор, стара градска песна, блуз, босанова и њујоршки андерграунд стилови.
Томика Рид е една од најистакнатите челистки на современата џез сцена во Чикаго, соработувајќи со Art Ensemble Of Chicago, Ентони Бракстон и голем број светски имиња. Таа е добитник на престижни признанија, меѓу кои и стипендијата „МакАртур“.
По вечерашниот настап во Софија, дуото ќе одржи уште еден голем концерт на 13 септември во Националната филхармонија во Скопје.

