| |

Во Софија заседава бугарскиот Совет за национална безбедност за ризиците за поморската безбедност

Во претседателската институција во Софија започна седница на Консултативниот совет за национална безбедност, посветена на ризиците за поморската безбедност и критичната инфраструктура на Бугарија во контекст на војната во Украина. Седницата беше свикана по вчерашните напади со поморски и воздушни дронови врз два трговски брода во бугарската исклучителна економска зона во Црното Море, јавува БТА.

Бродовите биле нападнати на околу 70 наутички милји источно од Бјала. Според премиерот на Бугарија, Румен Радев, првиот брод, кој пловел под знамето на Того, потонал. Екипажот на вториот брод, на кој избувнал пожар, успеал да се евакуира и бил спасен од бугарски брод.

„Ова е апсолутно недозволив напад во бугарската исклучителна економска зона. Апсолутно грубо кршење на меѓународното право и на правилата на поморството, кое исклучително ја отежнува пловидбата во Црното Море, дополнително ги зголемува сите осигурителни премии и ја прави пловидбата исклучително тешка“, изјави Радев.

Не се пронајдени морнари од потонатиот брод, а операцијата за пребарување и спасување е прекината, соопшти денеска Румен Николов, директор на службата за итни интервенции и спасување при Извршната агенција „Поморска администрација“.

Спасените морнари од вториот брод биле пренесени во Варна, каде што им била укажана медицинска помош. Двајца од нив се повредени. Едниот е во добра општа состојба, додека другиот е во многу тешка состојба, со изгореници на 45 проценти од телото, изјави вчера обласниот управител на Варна, Марио Смрков.

Претседателката на Бугарија, Илијана Јотова, го најави свикувањето на Советот по нападите, потсетува БТА.

На седницата присуствуваат претседателката на парламентот Михаела Доцова, премиерот Румен Радев, министрите за внатрешни работи Иван Демерџиев, за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова, за одбрана Димитар Стојанов, за транспорт и врски Георги Пеев и за животна средина и води Росица Карамфилова, како и заменик-министерката за финансии Људмила Петкова.

Учествуваат и началникот на одбраната, адмирал Емил Ефтимов, секретарот на Советот за безбедност при Министерскиот совет Пламен Узунов и претседателот на Државната агенција „Национална безбедност“, Пламен Тончев.

Парламентарните групи ги претставуваат Николај Денков од „Продолжуваме со промената“, Костадин Костадинов од „Преродба“, Петар Витанов од „Прогресивна Бугарија“, Бојко Борисов од ГЕРБ-СДС, Ивајло Мирчев од „Демократска Бугарија“ и Станислав Анастасов од „Движење за права и слободи – ДПС“.

Учесниците не дадоа изјави за медиумите при влегувањето во претседателската институција.

Слични Објави