| |

Бугарскиот писател Георги Господинов меѓу фаворитите за Нобеловата награда за литература според „Frankfurter Allgemeine Zeitung“

Бугарскиот писател Георги Господинов е меѓу седумтемина автори што германскиот весник „Frankfurter Allgemeine Zeitung“ ги издвојува како заслужни за Нобеловата награда за литература, чиј добитник ќе биде објавен на 8 октомври, јавува Actualno.com.

Во текстот посветен на Господинов, авторката Сандра Кегел ја истакнува оригиналноста на неговото творештво и начинот на кој преку минатото ја осветлува сегашноста.

„Во сите овие дела Господинов се навраќа на минатото и ја доловува суштината на нашата сегашност. Тоа е голема литература. Таа несомнено ја заслужува Нобеловата награда“, пишува Кегел.

Покрај Господинов, весникот ги издвојува Австралиецот Џералд Марнејн, Романката Габриела Адамештјану, Грузиецот Ака Морчиладзе, Французинот Мишел Уелбек, Ирецот Колм Тобин и Либанката Хода Баракат.

Кегел го опишува Господинов како „еден од најоригиналните гласови во меѓународната литература“. Неговото творештво, кое опфаќа проза, поезија, оперски либрета и сценарија, го оценува како проникливо, експериментално и разновидно.

Посебно внимание му посветува на романот „Времезасолниште“, добитник на Меѓународната награда „Букер“. Дејството се одвива во клиника во Цирих за пациенти со деменција, во која собите се уредени според различни децении од XX век.

Враќањето во минатото во романот постепено прераснува од терапија за пациентите во стремеж на цели држави. Според Кегел, потрагата по спас во минатото и неможноста да се постигне согласност за заедничка иднина создаваат впечатлива алегорија за сегашноста.

Во освртот е издвоена и книгата „Градинарот и смртта“, во која Господинов пишува за смртта на својот татко, за една градина и за поколение што останало настрана. Кегел посочува дека делото спојува мемоари и исповед, со поинаков, изразито интимен тон.

Господинов е роден во 1968 година во Јамбол и живее во Софија. Во текстот се споменуваат и неговите дела „Физика на тагата“ и „8 минути и 19 секунди“, преку кои се навраќа на комунистичкото минато на Бугарија и на промените по 1989 година.



Слични Објави