Румен Радев: Набавуваме уште 5 противвоздушни ракетни системи
Владата работи на стекнување способности за спротивставување на беспилотни системи во воздушниот и морскиот простор, но тоа бара време, систематски пристап и значителни финансиски средства. Ова го изјави премиерот на Бугарија, Румен Радев, пред почетокот на денешната владина седница, јавува БГНЕС.
Изјавата на Радев доаѓа неколку часа пред седницата на Консултативниот совет за национална безбедност (КСНБ), свикана од претседателката поради нападите со дронови врз трговски бродови во Црното Море.
„КСНБ не смее да се претвори во сцена за предизборна демагогија. Нема место за хистерија. Потребни се ладнокрвност и трезвена процена“, изјави Радев.
Премиерот нагласи дека изградбата на способности за спротивставување на беспилотни системи не може да се реализира „од денес за утре“. Според него, потребни се веродостојни и навремени информации, доследност и значителни инвестиции.
Радев посочи дека уште во 2023 година била предвидена инвестиција за набавка на беспилотни летачки системи од висока класа, способни да обезбедат надзор на целата исклучива економска зона на Бугарија. „Многу влади се сменија потоа. Апсолутно ништо. Нула“, рече тој.
Според неговите зборови, сега е подготвено и испратено барање за информации до водечки светски компании и е започната постапка за стекнување на потребните способности.
Премиерот потсети и на учеството на Бугарија во иницијативата за европски воздушен штит. Тој посочи дека досега е склучен договор за еден противвоздушен ракетен систем IRIS-T, а Владата денес усвојува предлог за инвестициски расход за набавка на уште пет системи.
„Очекувам за неколку недели да имаме договор“, соопшти премиерот.
Тој нагласи дека целта е да се гарантира заштитата на бугарската територија и придонесот на земјата кон заедничките одбранбени способности на НАТО.
Истовремено, премиерот изјави дека Владата ќе продолжи да ги поддржува дипломатските напори за завршување на војната. „Вложувањето пари во оваа војна и бескрајното превооружување се многу поскапи од напорите за дипломатија и изнаоѓање трајно решение за мир“, рече Радев.

