| |

Над една милијарда евра за урбан развој и праведна транзиција во Бугарија

Над една милијарда евра ќе бидат насочени кон урбан развој и праведна транзиција во Бугарија преку Програмата „Развој на регионите“ 2021–2027, соопшти Министерството за регионален развој и јавни работи на Бугарија, пренесува 24 часа.

До 400 милиони евра се очекува да бидат инвестирани во градовите преку финансискиот инструмент „Фонд за урбан развој“. Јавниот ресурс изнесува 262,5 милиони евра, а со дополнително приватно финансирање вкупната сума може да достигне 400 милиони евра.

Средствата ќе бидат достапни за 50 општини – 10 големи и 40 средни и помали урбани општини. Финансирањето ќе биде наменето за модернизација на урбаната средина, зелена инфраструктура, енергетска ефикасност, одржлива мобилност, здравствена, социјална и образовна инфраструктура, како и за култура, спорт, туризам и економски развој.

Дополнителни 600 милиони евра се предвидени за Приоритетот „Праведна транзиција“, финансиран од Фондот за праведна транзиција и од државниот буџет.

Овие средства ќе бидат насочени кон трите региони Перник, Ќустендил и Стара Загора, кои се најсилно погодени од преминот кон климатски неутрална економија.

Фондот за управување со финансиски инструменти во Бугарија треба да објави постапка за избор на финансиски посредници преку кои поддршката ќе стигнува до крајните корисници.

Слични Објави