| |

Бугарија е меѓу лидерите во регионот според капацитетот на центрите за податоци

Светската банка посочи во свој извештај дека Бугарија е меѓу трите водечки земји во Европа и Централна Азија според капацитетот на центрите за податоци во однос на бројот на жители, јавува БНР. Земјата располага со 2,89 мегавати на еден милион жители, зад Полска со 6,62 и Русија со 3,82 мегавати. Сепак, употребата на вештачката интелигенција во бугарските компании останува ограничена. Во 2025 година најмалку една технологија со вештачка интелигенција користеле 8,5 отсто од претпријатијата со најмалку десет вработени, наспроти просекот од 20 отсто во ЕУ.

„Основниот ризик во следната деценија веројатно ќе биде премалото внедрување и приспособување кон вештачката интелигенција, а не нејзината прекумерна употреба“, изјави главниот економист на Светската банка за Европа и Централна Азија, Ивајло Изворски.

Во извештајот СБ ја задржа прогнозата за раст на бугарската економија од 2,6 отсто во 2026 година, но ја намали прогнозата за 2027 година од 2,9 на 2,6 отсто. По растот од 3,1 отсто во 2025 година, Светската банка очекува бруто домашниот производ на Бугарија да се зголеми за 2,6 отсто во 2026 и 2027 година, а во 2028 година растот да достигне 2,7 отсто.



Слични Објави