ЗАВРШИ 40. ИФФК „БРАЌА МАНАКИ“
Заврши 40-ото издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ кој на високо професионален начин и ниво на светските фестивали и годинава во Битола собра дел од светскиот крем на кинематографската уметност. Заменик-минстерот за култура, Владимир Лазовски присуствуваше на затворањето кога покрај соопштувањето и доделувањето на годинешните нагрди, пред македонската публика, Златната камера 300 за животно дело му беше врачена на грчкиот, 78 годишен кинематографер, Јоргос Арванитис.
Се работи за автор кој има култен статус во Европа и светот, и со близу 150 наслови во неговата кариера ужива посебен статус на своевиден родоначалник на арт-филмот во Грција и Европа.
На затворањето на јубилејниот „Манаки“ се одржа специјална проекција на филмот „Манаки – приказна во слики“,чиј режисер и кинематографер е Роберт Јанкуловски кој ја прикажува фотографската работа на Јанаки и Милтон Манаки и нивното големо творештво.
Хелен Луварт е добитничка на „Златна камера 300“ на 40. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола. Со филмот „Невидливиот живот на Евридика Гузмао“, француската кинематографка ги освои симпатиите на жирито (членови Ед Лакман, Калојан Божилов, Доминик Велински, Фејми Даут и Ненад Дукиќ), а наградата ја прими нејзиниот колега и долгогодишен пријател, Ерик Готје.
Наградата „Сребрена камера 300“ му беше доделена на Џинсонг Донг за филмот „Езеро дивите гуски“, „Бронзената камера 300“, пак, заврши кај Даниеле Ципри за филмот „Пирани“.
„Мала камера 300“ заврши во рацете на аргентинската кинематографка, Констанца Сандовал за филмското остварување „Чудовишен господ“ за „поетичноста на сликата и суптилното користење на бои во приказната.
Годинава за прв пат беа доделени и награди за најдобар ангажиран документарен филм, што ја доделува Општина Битола и за најдобар филм според публиката од програмата Мак поинт.
