(Видео) Романскиот музичар Александру Драгичи гради културен мост меѓу Романија и Бугарија
Романскиот филолог и музичар Александру Драгичи поголем дел од својата работа ја посветува на поврзување на културите на Романија и Бугарија, пишува БНР.
Тој потекнува од градот Питешт во областа Влашко, каде најпрвин учел народна музика. Подоцна дипломирал грчка и романска филологија во Букурешт, што му помогнало да ги согледа културните допирни точки во Југоисточна Европа. Уште од детството забележал сличности меѓу селските традиции во двете земји, што го насочило кон пошироко балканско културно разбирање.
Интересот кон бугарскиот фолклор го развива преку музиката, особено преку техниката на хармониката, која според него е блиска до гajдата. Многу романски хармоникаши се инспирирани од бугарската школа уште од социјалистичкиот период, кога гледале бугарска телевизија поради ограничената програма во Романија.
Пред околу две години почнал систематски да го учи бугарскиот јазик самостојно и денес може да разговара и да пее на него. Веќе има снимки од бугарски народни песни, а особено го привлекува родопскиот фолклор.
Според него, и покрај блискоста, меѓу народите постои дистанца главно поради јазичната бариера и историските наслојувања. Сепак, верува дека врските се живи и планира голем музички проект што ќе обедини бугарски и романски мотиви од Влашко и Молдавија.
