СДСМ: Народот нема за леб, цените на производите се зголемени, а власта се гости со папаја и октоподи
Членката на Извршниот одбор на СДСМ, Лолита Ристова, на прес-конференција изјави дека партијата спровела контрола на цените низ маркетите и констатирала дека нема намалување, туку напротив, нови поскапувања на основните прехранбени производи.
„Јајцата се повторно покачени и достигнуваат до 140 денари за пакување, јогуртот со 3,2% масленост чини 72 денари, млекото е од 70 до 80 денари, а сирењето се продава од 440 до 650 денари. Кашкавалот стана луксуз за граѓаните, со цена над 600 денари. Поскапени се и шеќерот, грашокот, гравот, леќата – сè што е неопходно за домаќинствата“, изјави Ристова.
Таа оцени дека владините мерки за замрзнување на маржите немаат ефект, а најавените контроли се само „празни ветувања“ на премиерот Христијан Мицкоски.
„Владата не презема ништо за да ги спречи овие поскапувања, но затоа без проблем набавува луксузни намирници за своите функционери. Народот нема за леб, а тие јадат аспарагус, манго, папаја, октоподи, лигни и ракчиња. Апсурдноста е уште поголема ако се знае дека Владата одби предлог за минимална плата од 500 евра, а истовремено троши огромни суми на егзотични производи“, истакна Ристова.
Според неа, оваа ситуација е резултат на „неспособноста и негрижата“ на власта, која наместо да работи за доброто на граѓаните, „одработува за интересите на големите трговци“.

