(ВИДЕО) СЕ ГРАДИ МОСТ ШТО ЌЕ ГИ ПОВРЗЕ АЕРОДРОМ, ГАЗИ БАБА И ЦЕНТАР

//

Градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов, придружуван од градоначалниците на општините Аеродром, Гази Баба и Центар, денеска изврши увид во градежните работи за проширување на булеварот АСНОМ и за изградба на нов мост на реката Вардар.

На кејот на Вардар, Шилегов ги посочи деталите за новиот мост што ќе ги поврзува овие три скопски општини и ќе го олесни одвивањето на сообраќајот во градот.

„Остваруваме уште едно мое ветување, уште еден капитален проект што ќе го обележи мојот прв мандат како градоначалник на Скопје. Општините Аеродром, Гази Баба и Центар за помалку од две години ќе бидат поврзани со нов мост и модерно булеварско решение што ќе го релаксира сообраќајот во овој дел од Скопје. Денеска вршиме увид во градежните работи, досега работевме на проширувањето на булеварот АСНОМ, а од утре продолжуваме со изградба на нов мост на Вардар кој ќе ги поврзува улицата Васко Карангелевски во Аеродром со улицата Индустриска во населбата Ќерамидница, во Гази Баба. Вкупната должина на трасата изнесува 400 метри. Самиот мост ќе биде долг 150 метри, со 6 коловозни ленти, како и велосипедски и пешачки патеки од двете страни. Вредноста на договорот за изведба на оваа фаза изнесува 365,6 милиони денари со вклучен ДДВ, а се предвидува да се заврши во рок од 550 дена“, рече Шилегов.

Тој најави дека по овој мост ќе сообраќаат и нови автобуски линии кои дополнително ќе го намалат сообраќајниот метеж.



„По изградбата на овој мост и пробивањето на новиот коридор, од Ново Лисиче до Судската палата со автомобил ќе се стигнува за 5 минути, со автобус за 10 минути, со велосипед за 18 минути, а со пешачење за 35 минути. Со тоа, граѓаните на овие три општини можат да заштедат и до 20 минути од времето поминато во сообраќај доколку ја изберат оваа рута. Изградбата на овој мост во планската документација на Скопје постои уште од 1965 година, но за жал, заради отсуство на визија за развој на градот и немање чувство за вистинските приоритети неговата изградба била одложувана за некои подобри времиња. Од тие причини, за мене недозволиво беше Аеродром како најнаселена општина и Гази Баба како општина со најголема економска активност да бидат поврзани со само еден мост наменет за моторен сообраќај, постојниот мост „Близнак“ – нагласи Шилегов.

Градот Скопје, дополни тој, продолжува да гради по план изнаоѓајќи сообраќајни решенија кои ќе обезбедат одржлива урбана мобилност за граѓаните, а тоа ќе значи побрз, поефикасен, побезбеден и поеколошки сообраќај во Скопје.

Покрај градоначалникот Шилегов, увид во градежните работи за проширување на булеварот АСНОМ и за изградба на новиот мост на Вардар денеска извршија и градоначалниците на општините Аеродром, Гази Баба и Центар – Златко Марин, Борче Георгиевски и Саша Богдановиќ.

Претходна статија

(ВИДЕО) ТОРНАДО ГО ПОГОДИ НЕШВИЛ, ЗАГИНАА НАЈМАЛКУ ДВЕ ЛИЦА

Следна статија

(ВИДЕО) КОЛЕВ КОН ПЕТРОВ: КАКО НЕ ВИ Е СРАМ ДА ГИ ЕТИКЕТИРАТЕ ЛУЃЕТО ШТО ЗEМАЛЕ БУГАРСКИ ПАСОШ ЗА ДА СИ ГИ ПРЕХРАНАТ ДЕЦАТА

Најново од Вести