|

„Сега речиси сите се бездомници“: Карибите под влијание на ураганот „Берил“, ветерот уништи се што му се најде на патот

Речиси секоја зграда на островот Унион, кој е дел од карипската островска држава Сент Винсент и Гренадини, беше срамнета или сериозно оштетена по моќниот ураган „Берил“.

„Островот е во ужасна состојба откако „Берил“ помина. Речиси сите се бездомници. Ретко која зграда е оставена да стои. Куќите беа срамнети со земја, патиштата блокирани, електричните столбови лежеа на улиците“, рече Катрина Кој, која беше изненадена од размерот на уништување што беше пред неа.

Со неа се сложува и рибарот и водич Себастијан Сејли, пренесува „Index.hr“.

„Се е изгубено. Во моментов немам каде да живеам“, рече тој.

На островот живее од 1985 година, па го преживеал и ураганот „Иван“ во 2004 година, но вели дека „Берил“ бил на друго ниво.

Најмалку шест лица загинаа, а пет се водат како исчезнати откако ураганот „Берил“ го погоди југоисточниот дел на Карибите, пренесува Танјуг.

Три лица загинаа во Гренада, едно во Сент Винсент и Гренадини, додека двајца загинаа на северот на Венецуела, каде пет лица се водат како исчезнати, соопштија официјални лица.

„Овде е како торнадо да поминало. 90 отсто од островот беше збришан. Се засолнив со сопругата и ќерката и искрено да ви кажам не бев сигурен дека воопшто ќе се извлечеме“, истакна тој.

Во неговиот глас се уште се видливи шокот и стравот, пишува Би-Би-Си.

Неговата роднина Ализе, која води хотел со своето семејство, го опиша ужасното искуство додека ураганот минувал низ нивниот град. Таа нагласи дека морале да стават мебел до вратите и прозорците за да не се отвораат од силниот налет на ветерот.

„Притисокот беше толку силен што можеше да го почувствувате во вашите уши. Можевме да слушнеме како покривот се распаѓа и удира во друга зграда. Кршење прозорци, поплави. Никој не знаеше дека ќе биде толку лошо, сите се трауматизирани“, потврди таа.

Себастијан поседува две фарми и има кошници со пчели, но се е целосно уништено. Сепак, тој тврди дека сега приоритет е да се најде засолниште за жителите на островот. Луѓето се обидуваа да соберат дрвени и пластични фолии за да направат некакво привремено сместување за нивните семејства.

„И очигледно е дека ќе биде тешко да се најде вода и храна“, убеден е Себастијан.

Ализе истакна дека на островот итно се потребни многу видови стоки, од конзервирана храна и млеко во прав до санитарни производи, комплети за прва помош, шатори и генератори.

Владата во Сент Винсент и Гренадини рече дека ја препознава големината на проблемот.

Во своето утринско обраќање, премиерот Ралф Гонзалвес го сумираше чувството на шок во оваа карипска земја.

„Опасниот и разорен ураган остави големо уништување, болка и страдање низ нашата нација“, рече тој.

Тој вети дека ќе дејствува што е можно побрзо за да се справи со долгата листа на приоритети.

Слични Објави