|

(Видео) Шест села во мрак додека жителите на Слупчане блокираат и се разладуваат, а полицијата не овозможува влез за ЕВН

Шест села се без струја додека жителите на Слупчане го блокираат влезот на екипите од ЕВН. Млади, возрасни, пензионери – сите со часови стојат на улицата што води до селото, во кое се наоѓа главната трафостаница. На терен има и полиција, која го паркира возилото на тротоарот, но не овозможи влез за вработените на ЕВН, туку седи со жителите. Од ЕВН немаат намера да интервенираат сѐ додека не се создадат нормални услови за работа.

„Кумановското село Слупчане и околните села Оризари, Ваксинце, Алешевце, Руница, Извор и Белановце сѐ уште се соочуваат со прекин во снабдувањето поради сериозен дефект“, потврдија од „Електродистрибуција“.

Од снимките на медиумите се гледа како топлото време не ги спречува жителите на Слупчане да останат на улицата и да блокираат разладувајќи се со лименки сокови. Полицијата, иако е присутна, не интеревира за да ги внесе екипите на ЕВН во селото и да им гарантира безбедност. За дефектот, од ЕВН велат дека е резултат на кражбите што е прават во Слупчане.

„Дефектот во снабдувањето на електричната енергија во селото Слупчане е резултат на контуинирано нелегално користење на електричната енергија. За жал, некои од липковските села се исто така опфатени со ова и се соочуваат со прекин во снабдувањето. Екипите на ‘Електродистрибуцијата’ при извршување на редовните работни активности или санација на дефект во ова село често се соочуваат со вербални и физички напади. Тоа се случуваше токму денес“, додава „Електродистрибуција“.

Вторпат се случуваат истите драми во Слупчане. Минатиот пат посредуваше министерот за економија, Крешник Бектеши, по што жителите добија струја. Во замена, со министерот ветија дека ќе им биде дозволено на екипите од ЕВН непречено да работат на надградба на мрежата. Но, ова не е почитувано.

„Макфакс“ побара став и од министерот за економија, Крешник Бектеши, дали сега тој повторно ќе посредува и ќе најде начин да овозможи екипите на ЕВН да работат, без да имаат физички и вербални напади. Тој не одговори.

Жителите на Слупчане ги условуваат екипите на ЕВН за да им дозволат да влезат во селото. Наместо слободен пристап до трафостаницата, вработените во компанијата тврдат дека се соочуваат со вербални и физички напади. „Макфакс“ дојде до документот на жителите на Слупчане, испратен преку Општина Липково. Тој се состои од 14 точки, преку кои се бара за нив да не важат правилата што треба да ги почитува секој граѓанин, односно потрошувач, а тоа се простување долгови од илјадници евра и поврзување нови објекти без пари.

Претходно, ЕВН извести дека нивните колеги се цел на физички и вербални напади.

Загубите во Слупчане се 80 %, а наплатата е 20 %.



Слични Објави