|

Стојаноски: ЈО итно да отвори истрага за надзорот вреден 22 милиона евра, менувани се услови среде постапка

Три дена се изнесуваат сомнежи за местење тендер во висина од 22 милиона евра за надзор врз изградбата на коридорите 8 и 10д, а ЈО молчи и токму затоа е ниска довербата во правосудството, зошто има потреба со денови да се чека за тоа кога станува збор за сомнежи за криминал во власта, оценува пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.

„Имаме две ситуации што индицираат на нерегуларности при изборот на шпанската фирма ЕПТИСА за надзорот вреден 22 милиона евра, само тие се доволни за ЈО да отвори постапка, а тоа се:

1. Владата на 30.9.2020 година носи одлука со која им препорачува на сите институции да не склучуваат договори со ЕПТИСА затоа што таа работела несоодветно, незаконски и неетички, на железничката пруга Куманово – Бељаковце, една година подоцна Министерството за транспорт и врски носи потврда со која ѝ издава дозвола на ЕПТИСА да може да врши надзор за истите работи за кои веќе еднаш на владина седница е констатирано дека таа работела незаконски, неетички и несоодветно.

ЈО мора да истражи зошто ЕПТИСА првин била санкционирана за по една година, да добие повторно дозвола? Што се крие зад магично брзото помилување?

2. Власта во тек на јавниот повик за избор на надзор го менува огласот во два дела, првин го продолжува рокот за поднесување пријави, но и го брише условот само фирми со позитивни биланси од последните 3 години да може да учествуваат на него. Со оваа одлука власта дозволува фирми загубари да се јават и да добијат тендер вреден 22 милиона евра. Таква фирма загубар е и ЕПТИСА, која во билансите од 2019, 2020 и во 2021 година прикажува милионски загуби“, нагласува Стојаноски.

Поради итноста на постапката, имајќи предвид дека почнувањето на работата на автопатите треба да почне бргу, го повика ЈО да не чека и итно да отвори постапка, која ќе го расветли случајот.

Оценува дека ненавремена реакција на ЈО може да значи штета за државата подоцна во процесот, таа штета ќе оди на вина на ЈО, затоа потребна е итна реакција.

Очекуваме, вели Стојаноски, ЈО да отвори истрага и да побара од судот привремено запирање на постапката сè до крајно расветлување на процесот.



Слични Објави