(Видео) Тагарев: Бугарија ќе обучува украински пилоти и техничари за Ф-16
Министерот за одбрана на Бугарија Тодор Тагарев најави дека Бугарија ќе обучува украински пилоти и техничари за Ф-16. Бугарија од своја страна обучува свои пилоти во САД за да можат да управуваат со американските борбени авиони, од кои првите треба да пристигнат во 2025 година, јавува бугарскиот весник Сега.
Тагарев објасни дека со потпишувањето на договорот за купување на првите 8 авиони Ф-16, Бугарија станала дел од т.н. „Коалиција Ф-16“. Неговата изјава доаѓа од Брисел, каде што учествуваше на состанокот на министрите за одбрана на НАТО.
„Заедно со договорот за набавка на Ф-16 има потпишани договори за индустриска соработка, меѓу нив има и еден за кој е одговорно Министерството за одбрана, тоа е капацитетот за обука на инженерски и технички персонал за сервисирање на леталото. Станавме дел од неформалната коалиција Ф-16, бидејќи понудивме обука на украински пилоти и инженерско-технички персонал – првично на англиски јазик“, објасни министерот.
Тагарев, исто така, потврди дека Бугарија ќе и даде на Украина нефункционални ракети С-300. „Ракетите ќе ги предадеме во целост. Некои од нивните параметри се надвор од дозволените граници за нивна безбедна употреба, но се претпоставува дека Украинците сами или со помош на партнери ќе ја вратат нивната способност и ќе ги искористат за заштита на цивилното население“, истакна тој.
Испораката на 100-те ветени оклопни транспортери ќе се изврши по потпишувањето на меморандумот меѓу Бугарија и Украина. Документот е одложен поради смената на военото раководство во Киев, изјави Тодор Тагарев и додаде: „Да, не се нови, но не се ни многу користени. Тие се со нивното оригинално вооружување, со комплети резервни делови, за да можат да завршат многу добра работа за Украина – ако не вооружените сили, тогаш барем силите за територијална одбрана“.


