|

(Видео) Талевски: Законите со европско знаменце се за коридорите и за проектите финансирани од ЕУ

Со недели ВМРО-ДПМНЕ и Левицата водат хајка против изградбата на делниците од коридорите 8 и 10 д и против реномираната американска компанија „Бехтел“, истакна на денешната прес-конференција Миле Талевски, пратеник на СДСМ.

„Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ секојдневно бараа договорот за коридорите да се достави во Собранието, а сега молчат и не кажуваат кога и на која собраниска комисија тој договор да се разгледува. Наместо дебата и конструктивност, ВМРО-ДПМНЕ шири лажни вести за цената и за роковите за изградба на делниците“, додава тој.

Тоа, како што вели, покажува дека ВМРО-ДПМНЕ сака по секоја цена да ја одложи реализацијата на проектот, изградбата да трае подолго, а државата да плати 150 милиони евра повеќе.

Според Талевски, изградбата на коридорите е најголема инвестиција во инфраструктурата во историјата на државата во вредност од 1,3 милијарда евра, каде што ќе се изградат 110 километри автопатски делници на коридорите 8 и 10 д.

„СДСМ и парламентарното мнозинство нема да дозволат блокада на овој капитален проект и нема да дозволивме при неговата изградба да се повтори хаосот од автопатот Кичево – Охрид.
Со предлог-законите, кои влегуваат во собраниска процедура, се унапредува ефикасноста во изградбата на патната, железничката и на енергетската инфраструктура во државата.
На тој начин се обезбедува побрза, поевтина и квалитетна изградба не само на овие проекти туку и за сите идни национални и стратешки проекти, како автопати, железници, гасоводи и слично. Меѓу нив спаѓаат и проекти финансирани од ЕУ, од меѓународни финансиски институции“, рече тој.

Сите предложени законски измени, како што додаде, се во согласност со Уставот и со нивното донесување ќе се заштедат 150 милиони евра и две години изградба за коридорите 8 и 10 д.

Оценува дека изградбата на овие коридори носи економски придобивки, со отворање 8.000 нови работни места и номинален раст на БДП од 2 отсто годишно.



Слични Објави