(Видео) Украдени возила, поголема сума пари и обид за шверцување мигранти откриени во регионална акција на Табановце
Во периодот од 27 март до 4 април, македонското Министерство за внатрешни работи заедно со претставници на полициите на Србија, Словенија, Хрватска, Црна Гора, Албанија и на Босна и Херцеговина, а во соработка со Програмата за гранична безбедност на ДЦАФ и Проектот за борба против сериозен криминал во Западен Балкан – ИПА 2019 спроведоа заедничка акција „Артефакт“ на граничниот премин Табановце, патните делници кон Република Србија, како и по должината на целата граница со Република Србија.
Притоа при влез во државата на ГП Табановце кај македонски државјанин пронајдени се 1.120 монети со археолошка вредност, кај турски државјанин пронајдена е поголема сума пари, конфискувани се три украдени возила, откриени два случаја на обид за шверцување мигранти.
При изведувањето на активностите, како што соопшти полицијата, беше употребена специјализирана опрема за откривање и сузбивање на нелегалните активности, а искуствата од заедничката акција ќе бидат корисни за натамошната работа на полициските службеници од овие земји.