(Видео) Виолинистката Јоана Каменарска ја промовира бугарската класична музика низ светот
Бугарската виолинистка Јоана Каменарска веќе 18 години живее во Хамбург, а од 2008 година е концерт-мајстор на Државниот филхармониски оркестар во германскиот град. Таа е една од повеќе од 40 бугарски виолинисти кои работат на водечки позиции во престижни европски оркестри, јавува БНР.
Љубовта кон музиката ја наследила од мајка ѝ, која е пијанистка, а значајна улога во нејзиниот развој имале професорите Јосиф Радионов и Јоаким Атанасов.
„Звукот на виолината е тоа што привлекува. Кога човек ќе биде допрен на начинот на кој може да го допре звукот на виолината, мислам дека се случува нешто неповратно“, вели Каменарска.
Според неа, бугарската класична музика сè уште го нема заслуженото место во европското музичко наследство. Затоа нејзина лична мисија е да ги промовира делата на бугарските композитори.
Во 2024 година таа го исполнила својот долгогодишен сон, изведувајќи го Концертот за виолина и оркестар бр. 1 од Панчо Владигеров во Хамбург. Делото било изведено во градот првпат по неговата светска премиера во 1920-тите години.
Каменарска моментално е на кратка пауза за закрепнување, но нагласува дека не се откажува од музиката и наскоро ќе продолжи со концертните настапи.

