(Видео) Во Бугарија: Мажот кој намерно предизвика пожар во Велико Трново, ќе биде суден за тероризам
Мажот, кој беше снимен од безбедносни камери како подметнува пожар во шума во Велико Трново, ќе се соочи со обвинение за тероризам, објави денеска главниот секретар на бугарското Министерство за внатрешни работи. Според полицијата, над 90% од пожарите во Бугарија се резултат на човечка невнимателност или свесно злодело, пренесе БНТ.
Инцидентот се случил ноќта на 26 јули, кога пет лица прославувале роденден во градот. По забавата, двајца од нив тргнале по патеката која ги поврзува населбите „Бузлуџа“ и „Чолаковци“. Снимените видеа покажуваат како едниот од нив во три наврати се обидува да ја запали шумата над овие населени места.
Пожарот брзо се проширил и се доближил до локално училиште и десетици станбени згради, а жителите биле разбудени во 4 часот наутро преку системот за предупредување BG ALERT.
Благодарение на десетици пожарникарски екипи и волонтери, огнот бил спречен да ги зафати објектите, но изгореле 30 хектари борова шума. Осомничениот, 33-годишен маж со криминално досие, е уапсен заедно со неговиот придружник и е префрлен во Софија по наредба на Обвинителството.
„Со палењето директно го загрозил животот, здравјето и имотот на граѓаните. Сметаме дека неговата постапка е со цел да предизвика паника, па затоа случајот се процесира како терористички чин,“ изјави окружниот обвинител на Велико Трново, Христо Христов.
Доколку биде прогласен за виновен, пироманот ќе се соочи со казна затвор од 5 до 15 години. Жителите на Велико Трново, сепак, бараат уште построги санкции.
